2win800x200

ФОД и Техничкото училиште-Битола потпишаа Меморандум за соработка, за поквалитетен образовен процес

Март 20, 2021

 

Директорите на ФОД ДООЕЛ - Новаци, АД ЕСМ - Скопје и Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, Владимир Роме и Методија Тасевски, потпишаа Меморандум за соработка со кој заеднички се обврзаа да делуваат во интерес на подобрување на квалитетот на образовниот процес од кој бенефит ќе имаат сите - и учениците и стопанството.

Според насоките на Министерството за образование и наука, учениците треба да ја изведуваат практичната настава во реални компании со цел да стекнат поголеми вештини и да станат конкурентни на пазарот на трудот по завршувањето на средното стручно образование.

Во таа насока е и оваа старо-нова соработка која во изминатиот период од административни причини беше прекината. Со цел да се изнајде решение за надминување на проблемите, а воедно водени и од желбата да му се помогне на образованието во градот, директорот на ФОД - Новаци и министерката за образование и наука, Мила Царовска, договорија вклучување на оваа компанија во образовниот процес. Имено, идејата беше проширување на дуалното образование во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, каде истото со успех се спроведува веќе две години во соработка со Делегацијата на германското стопанство и фабриката „Кромберг и Шуберт“ преку образовниот профил техничар за индустриска мехатроника.

ФОД - Новаци активно ќе се вклучи во процесот на преминување во дуално образование на образовниот профил електротехничар-енергетичар, а сè до исполнувањето на условите за тоа, тие ќе ги стипендираат сите ученици од овој профил кои практичната настава ќе ја изведуваат во реални услови во оваа компанија. Ова значи дека сите ученици за деновите кога ќе ја изведуваат практичната настава, покрај обезбедениот превоз и оброк, ќе добиваат и соодветен паричен надоместок.

MEMORANDUM2

Покрај тоа што ќе го стипендираат овој профил, од Kомпанијата изразија желба кај нив да се изведува и практичната настава за профилот обработувач на метал/заварувач со тригодишно траење на образованието, што ќе биде во понудата на образовни профили на Училиштето во учебната 2021/2022 година. Со цел да се зголеми интересот за ова занимање со тригодишно траење на образованието, доколку пројавениот интерес при уписот овозможи формирање на паралелка, учениците ќе бидат стипендирани од страна на Министерството за образование и наука.

„Во изминатите три години потпишавме меморандуми за соработка со РЕК - Битола и АД ЕЛЕМ, потоа со ЕВН и МЕПСО, па сосема очекувано беше да го затвориме кругот на партнери во областа на енергетиката со ФОД - Новаци. Сите овие компании се наши долгогодишни партнери со кои постојано соработуваме, а учениците кои излегуваат од нашето училиште по завршувањето на средното образование се адекватен кадар за нивните потреби како од електротехничката, така и од машинската струка. Со изведувањето на практичната настава во реални компании убеден сум дека учениците ќе стекнат подобри знаења и вештини со коишто ќе ги зголемат својата стручност и самодоверба, а истовремено ќе се запознаат и со организацијата на работата, начинот на функционирање на производен процес, редот и дисциплината, редовноста итн. Фирмите кои се наши партнери во дуалното образование, должни се да имаат сертифицирани ментори кои заедно со наши наставници се постојано со учениците за време на практичната настава и континуирано ги следат нивното напредување, како и безбедноста на работното место, а воедно учествуваат и во формирањето на оцената на ученикот“ - изјави директорот Владимир Роме.

Во минатото, ФОД - Новаци и СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ имаа активна соработка, при што во машинската работилница на училиштето се изработуваа различни машински делови за потребите на РЕК – Битола. Со Меморандумот за соработка кој го потпишаа овие две институции се отвора патот за обновување на оваа деловна соработка и проширување на истата во образовната сфера.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани