Во тек е целосна реконструкција на објектот на урбаната заедница „Кочо Десано“, како дел од програмата на градоначалничката Наташа Петровска и локалната самоуправа за функционални месни и урбани заедници, со која се враќа нивната моќ, преку опремување со технички услови и зајакнување на нивниот правен статус.
Градоначалничката Наташа Петровска ја посети урбаната заедница, при што беше информирана за тековните активности на реконструкција. Во објектот комплетно е променета водоводната и канализационата мрежа, како и електричната инсталација. Се врши поправка на сите оштетени делови на објектот, комплетна промена на дограмата, покривната конструкција и уредување на фасадата. Вредноста на реконструкцијата на објектот изнесува 928.000 денари.
По реконструкцијата на објектот, следува комплетно партерно уредување на просторот, кое ќе опфаќа нова ограда, терен за кошарка, клупи, табли за шах и дел наменет за најмладите, со детски реквизити. Жителите на овој дел од градот и претседателот на урбаната заедница, истакнаа дека со заокружувањето на целосното уредување на објектот и дворната површина, ќе се овозможи ново катче за рекреација на сите генерации.