
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Новата учебна година за сите ученици од основните и средните училишта започнува денеска со физичко присуство и со посебни здравствени протоколи. Исклучок ќе бидат средните училишта во Тетово и Гостивар каде наставата ќе се одвива онлајн во првите 14 дена од почетокот на учебната година, а во Кичево и Струга во првите седум дена. По завршувањето на овој период, како што вчера соопшти Владата, ќе бидат донесени нови мерки согласно развојот на ситуацијата.
Според министерката за образование и наука Мила Царовска, наставата со физичко присуство е од голема важност не само поради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на менталното здравје на учениците.
Во интервју за МИА, Царовска истакна дека имаат план и протоколи за постапување на училиштата за состојбата да биде одржлива. Нагласува дека повеќе од јасно е дека едукацијата во училница нема друга подобра алтернатива која може да го задоволи најдобриот интерес на учениците и да ги ослободи родителите од дополнителни грижи и обврски, намалувајќи го времето на учење заедно со нивните деца во домашни услови, а воедно и да ја одржи сатисфакцијата и мотивацијата за посветеност во работата кај самите наставници.
Таа посочи дека со цел да се одржи состојбата потребно е целосно почитување на протоколите од страна на сите учесници во воспитно-образовниот процес, од ученици, наставници, родители и тоа не само во училиштата, туку и секаде надвор од нив.