АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општина Битола најави дека ќе се справи со проблемот на паркирани хаварисани возила на јаван простор. Проблемот што општината го има со паркираните неупотребливи возила е стар со години и досега се покажа нерешлив.
Несовесни битолчани со оставени стари искршени возила на тротоари и на јавни површини „лечат“ носталгија по минатото, обвинуваат станари на колективни згради во Битола каде на паркинзите со години наназад соседите оставиле хаварисани возила. Има и такви кои старото возило си го паркирале под прозор или пред влезот од зградата. Всушност, проблемот е толку голем што нема паркинг пред колективна зграда или тротоар од улица каде нема да најдете оставено хаварисано возило. Битолчани со право реагираат дека градот има недостиг од паркинг места, а стари возила држат простор.
Со години проблемот се провлекува, а ваквите возила се оставени буквално насекаде, па дури и на пешачките патеки.
Граѓаните реагираат зошто општинските власти со години толерираат ваква состојба, и што не се спровела поголема акција за отстранување на хаварисаните возила како старо железо и одредување на казни за несовесните сопственици.
Од Општина Битола потврдуваат дека хаварисаните возила оставени на јавни површини низ градот претставуваат долгогодишен проблем кој за жал и покрај законската обврска и надлежноста, претходните локални власти воопшто не го третирале и не спровеле соодветни постапки согласно одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување која е донесена од Советот на општина Битола на Седницата одржана во декември 2012 година.
Општината веќе најави решавање на проблемот и отпочнување на акција за отстранување на нерегистрирани и хаварисани возила, запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алати, приколки и камп приколки.
„Оваа локална самоуправа пристапи кон решавање на ова прашање, расчистување на градот од хаварисани возила и зголемување на степенот на јавна чистота во општината. За успешно и навремено делување, формирана е работна група со точно определени рокови за доставување на предлог мерки за понатамошно постапување. Согласно препораките од стручните лице, доколку се потребни одредени измени и дополнувања на одлуката за комунален ред, истите ќе бидат предложени за донесување уште на следната седница на Советот на општина Битола“, велат од Општина Битола.
По ова очекуваат за период од 2-3 недели, да бидат завршени потребните процедури, за да се создадат услови за постапување, согласно законската регулатива и одлуката за комунален ред.
„Нема да дозволиме состојбата со хаварисаните возила да се провлекува со години и да продолжи да ја нагрдува сликата на градот, напротив ќе ги спроведе сите законски мерки, по кои во изминатиот период, воопшто не е постапено. Законодавецот предвидел и соодветни глоби“, додаваат од Општината.
Хаварисаните возила ќе бидат подигнати и транспортирани со специјални возила и времено сместени во обезбеден простор за нивно чување.