
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од пристигнатите 25 случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции анализираше 19, од кои кај 10 случаи утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
Од доставените 25 случаи, комисијата утврди дека шест треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи таа не е надлежна.
Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација т.е.кај пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
Комисијата беше формирана откако кардиохирурхот Сашко Кадев објави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции.
Доктор Христовски рече дека и за овие случаи и за следните кои би биле пријавени, ќе работат заедно со стручната комисија која е формирана од доктори од странство и ќе продолжат да работат на сите индикативни случаи.
„Од досегашните пријавени случаи ние заклучивме дека за поголемиот број од нив имаме неправилно упатени и неправилно оперирани пациенти“, рече доктор Лозанче.
Според министерот Алиу ова е прелиминарен извештај, потоа ќе се работи заедно со комисијата од странство, по што ќе се знае дали и таа комисија ќе најде оправданост за таков заклучок. Дури потоа може да се размислува за доставување на сите овие наоди го други институции меѓу кои и Јавното обвинителство.
Претставниците на комисијата не сакаа да кажат во оваа фаза, дали операциите всушност повеќе го загрозиле животот на пациентите, ниту пак колку чинеле тие скапи интервенции и во кои болници се изведени.
„Се работи за човечки животи и не само финснсиски средства“, рече Христовски, кој појасни дека работеле само по пријава од пациентите. Вели дека имаат уште многу имаат да работат на овие случаи, а потоа да се осврнат на една рандом студија, која би ги опфатила повеќето случаи. Појасни дека овие случаи се третирани во сите болници кои во Македонија се занимаваат со кардиоваскуларни интервенции, а доколку во оваа фаза излезат со имињата на болниците не би било „ниту етички ниту законски“.
Интерната комисија е составена од кардиолози, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиниката „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска, Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство, д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама.
