2win800x200

Нашите Искра и Олег одат на Светска олимпијада во Колумбија, а државата не покажува интерес да ги покрие трошоците

Ноември 07, 2022

Во месецот кога ги чествуваме најуспешните Битолчани, по повод 4-Ноември/ Денот на ослободувањето на Битола, вреди да ги споменеме и Искра Нечаковска(14) и Олег Трајковски(15), ученици во прва година од СОУ „Јосип Броз Тито“ Битола кои се дел од државниот тим на Македонија кој ќе учествува на 19.Меѓународна јуниорска  олимпијада по природни  науки  (IJSO 2022)  што  ќе  се  одржи  во  Богота, Колумбија од 2‐12 декември 2022 година. На олимпијадата ќе учествуваат национални тимови од околу 50 држави од цел свет, а oвие наши млади талентирани битолчани се дел од државниот тим од 6 учесници,  кои по шести пат ќе учествуваат на ова престижно светско натпреварување.

Квалификацијата на двајцата млади битолчани во олимпискиот тим е успех и за битолското образование, бидејќи истите во силна конкуренција од околу 90 ученици  од 8мо и 9то одделение  кои во учебната 2021/2022  година освоиле награда на еден од државните натпревари по физика, хемија и биологија организирани од Здружението на физичарите на македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Македонското биолошко друштво успеаја преку 2 селекциони натревари да си обезбедат место во 6-члениот национален тим.

Нема достапен опис

Сега националниот тим се подготвува за заминување за Колумбија, иако се уште не се во целост обезбедени финансиските средства потребни за заминување  кој покрај 6 натпреварувачи вклучува и тројца ментори‐водачи од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Се работи за износ од околу 950.000 денари кој вклучува трошоци за котизација и за авионски билети, потебни за да отпатуваат во Богота и да се натпреваруваат и да ја претставуваат државата во најдобро светло.

Нема достапен опис

За жал, иако скоро секоја година тимот се враќа назад со освоени медали, државата досега не покажала волја да им го олесни финансиски товар и подготовките на семејствата и системски да го реши прашањето за финансирање на подготовките и учеството на националниот тим на ова престижно натпреварување. Конкретно, на пример, сите членови на националниот тим конкурирале за  делумно спонзорство од Агенцијата за млади и спорт од програмата за млади и талентирани ученици и истото го добиле со што барем дел од трошоците за патување на националниот тим се обезбедени,  со исклучок на Искра, која е одбиена затоа што се уште не наполнила 15 години. Што и во овој случај е небулоза на системот.

„Сите деца конкурираа во Агенцијата за млади и спорт за финансиска поддршка во програмата за млади и талентирани лица, ама само Искра ја одбија заради фактот што нема се уште наполнето 15 години, а според нивниот Правилник, категоријата на млади ги опфаќа само лицата од 15 до 29 години.

Овој проблем со Агенцијата за млади и спорт се провлекува уште од првата година кога учествувал наш тим на Олимпијадата, но сепак еве и 6 години подоцна никој не се заинтересирал за да најде начин да се поддржат и деца кои се млади и талентирани, но не се доволно возрасни за да влезат во категоријата млади, иако несомено го исполнуваат критериумот на талентирани “ објаснува Оливера Нечаковска, мајка на Искра. 

И додека родителите се задолжени да ги покријат трошоците за учеството, Искра и Олег заедно со врсниците од тимот во Скопје сериозно се посветени на подготовките за претстојната Олимпијада. 

Од октомври сите членови на тимот учествуваат во редовни неделни подготовки на ПМФ- секој петок и сабота менторите на тимот од катедрите по физика, хемија и биологија им држат предавања и практична настава од 9-16 часот на волонтерска основа, се со цел да го претстават македонското образование во најдобро можно светло.

Нема достапен опис

Друштвото на физичарите на Македонија, кое е носител на организацијата и подготовките преку родителите на учениците има испратено барања за спознорства до стопанството, на кои се уште се чека одговор.

Единствено, како што информираат родителите на Искра и Олег, од Општина Битола се согласиле финансиски да  го помогнат учеството на Искра и Олег на Олимпијадата, во рамките на нивните буџетски можности.

За своите успеси во досегашното образование, и Искра и Олег беа наградени како првенци на генерација во ОУ „Св. Климент Охридски“ Битола и ОУ „Гоце Делчев“ Битола, a Искра во 2020 беше наградена и од Општина Битола како една од најдобрите ученици во основното образование  во Битола, по повод Денот на ослободувањето на Битола 4 Ноември.

Нема достапен опис

Се додека државата не се освести и сфати дека грижата и поддршката на вакви настани и на вакви талентирани млади научници е не само во интерес на децата, туку и во интерес на иднината на идните генерации и на самата држава, останува децата да зависат од ангажманот на родителите и подршката на стопанството. На пример,  битолското стопанство кое не е за потценување и има десетици големи индустриски капацитети, а градот е седиште на најголемиот енергетски капацитет во Македонија досега во многу прилики покажало дека има општествено одговорни компании. Да се надеваме дека тоа ќе го покажат и во овој случај и со тоа ќе инвестираат не само во Искра и Олег туку и во иднината на битолското образование, бидејќи секој успех на Искра и Олег на Олимпијадата сигурно ќе биде поттик и за помладите генерации на ученици да се посветат на изчување на природните науки и да ја промовираат Битола на сличен начин.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани