АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Случајот со наводното патување на директор на јавно претпријатие од Битола во странство за приватни цели силно ја бранува битолската јавноста.
Засега само директорот на ЈКП Водовод Битола, Пеце Милевски, не одговара на прозивките дали е тој директорот што патувал во странство со службеното возило за приватни цели. Останатите директори на јавни претпријатија во Битола кои се под капата на Општина Битола и кои имаат возен парк во претпријатието, потврдуваат дека не патувале во странство со службеното возило за приватни цели. Директорот на ЈКП Водовод Пеце Милевски се јави кусо по објавувањето на текстот и негова изјава ќе објавиме во текот на денот.
Од Општина Битола за Апла.мк велат дека „Службени возила имаат јавните претпријатија: Комуналец, Пазари, Водовод и Нискоградба“ и најавуваат ревизија во претпријатијата од следната недела.
Вчера на седница на Советот, претседателката Габриела Илиевска јавно од говорница го праша градоначалникот Тони Коњановски „дали има информација дека некој од директорите на јавните претпријатија кои се назначени од него, извршил злоупотреба на службената положба со користење на службено возило за приватни цели во и надвор од државата“.
Коњановски возврати дека општинскиот ревизор ќе има задача да утврди дали некој од директорите ги пречекорил своите овластувања, при тоа најавувајќи решително дека ќе следува расчистување на случајот и ќе бара одговорност.
Утрово Апла.мк ги контактираше директорите на ЈКП Нискоградба, Зоран Талевски, на ЈКП Комуналец Битола, Гордана Наумовска и на ЈП Пазари, Николче Гацовски, тројцата беа категорични дека не патувале во странство со службено возило за приватни цели. Единствено на нашите телефонски јавувања и пораки засега не одговори директорот на ЈКП Водовод Битола, Пеце Милевски.
Она што ја интересира јавноста по отворањето на овој случај е која била целата на патувањето во странство со службено возило, дали е вистина дека патувал за приватни цели, дали имал патен налог и одлука на УО и секако кој од неговата фамилија биле со него во возилото.
Од кабинетот на градоначалникот Тони Коњановски за нашиот портал велат дека „Од понеделник ќе биде извршена ревизија во сите јавни претпријатија кои се во надлежност на општина Битола, со цел да се утврди наменското, рационално и ефикасно користење и управување со службените возила и јавните средства наменети за користење на возилата“.