АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во натпреварот организиран од MILSET EUROPE, во кој главен акцент е ставен на промоција на природните науки под мотото "European Science Days for Youth", победнички се битолчанките Љубица и Костантина Андонови, третоодделенки во ОУ „Даме Груев“ од Битола.
„Како упорни и љубопитни деца од кои постојано добивам безброј прашања, најмногу поврзани со природните науки, токму заедничкиот ентузијазам не поттикна да добиеме идеја за да го направиме ова видео“, вели нивната мајка Валентина, која е ментор по физика во истото училиште.
„Од мноштвото ‘магични направи’ за кои сум прашувана за што служат го избравме токму Теслиниот трансформатор, како најсоодветна за ‘создавање на електрична искра дома’, а која е најмногу поврзана за темата ‘Магнетизам’, која беше посочена за натпреварот оваа година. Нема ограниченост во однос на годините на натпреварувачите, бидејќи најмногу се цени ентузијазмот и интересот кон СТЕМ-предметите за тие да се развиваат од најмала возраст. Тоа е и целта на натпреварот. Искрено, бевме водени од желбата да направиме едно кратко видео, кое ќе биде поучно и ефектно. Секако дека многу се израдувавме и кога дознавме дека нашиот труд беше крунисан и препознаен. Среќни сме и продолжуваме по патот на успехот“, додава Валентина.
Двете девојчиња кои се сестри близначки во видеото објавено на натпреварот велат дека се мали научници кои обожуваат кога ќе видат електрична искра на небото, но не и меѓу нив.
„Но, мајка ни која е физичар ни кажа дека постои една магична направа Теслин трансформатор која може да направи електрична искра и дома, па одлучивме да направиме таков експеримент. Бевме вчудовидени како од неа се вклучуваат светилки“, велат истражувачките.
Ова им е дел од бројните награди од полето на физиката и истражувањето кои и покрај нивната рана возраст сепак ги освоиле. Но, физиката не им е единствената област на интерес, покрај редовно завршените училишни задачи и постигнатиот одличен успех, тие грабат напред и во поезијата, па досега имаат освоено повеќе награди и за напишани поетски творби.