2win800x200

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на емоции ќе ловат гласови во Битола

Декември 26, 2023

Анета Блажевска

 

БИТОЛА – Политичките партии почнаа да „вијат“ оро пред гласачкото тело во Битола манифестирајќи многу емоции и емпатија во освојувањето на довербата на битолчани. Веќе неколку месеци, пред изборите за македонскиот парламентот, политичките лидери и претставници на врвовите на двете најголеми партии од македонскиот блок, СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ, се движат меѓу битолчани, и тоа во време кога локалната политичка сцена е зафатена со тешка криза, каде не се знае ни кој е власт ни кој опозиција во градот, објави https://nezavisen.mk/sdsm-i-vmro-dpmne-na-emocii-kje-lovat-glasovi-vo-bitola/.

Битола, како најголем гласачки центар во Петтата изборна единица, од секогаш била и останува најсилната политичка адут карта што носи успех и решавачки моменти за партиите од македонскиот блок. Партиите уште сега фаќаат чекор, алудирајќи на егзистенцијата и битката да се преживее економската криза, да се направи нешто плус за градот.

СДСМ по поразот на локалните избори полека се охрабрува, од ден на ден, да ја врати довербата на битолчани, а со тоа и власта, најпрво на парламентарните избори, за по две години да се обиде да  ја врати и загубената локална власт.

Она што е интересно за СДСМ е што само за период од еден месец организира две големи трибини во Битола и големата сала во Центарот за култура ја исполни до последното столче и тоа со членови од Битолско-пелагонискиот регион. Дојде и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, со тематска трибина и здравствена едукација на битолчани. Две недели по него и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, ја повтори истата слика. Познавачите на состојбите велат дека откако Ковачевски „слезе“ меѓу членството, поддршка е поголема, оти секој сака да биде поблиску до лидерот.

Нема достапен опис.

Филипче, зборувајќи за машкото и женското здравје добиваше силни аплаузи, а пак лидерот Ковачевски се обиде да направи паралела меѓу владеењето со Битола на екс-градоначалничката Наташа Петровска и актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски.

Ковачевски ги редеше прашањата – што добија битолчани од ВМРО-ДПМНЕ, дали нов булевар, нова зграда, нов парк, а ја испофали екс-градоначалничката Петровска, велејќи – „Викнете ја Наташа нека каже како домаќински се води градот“, а поддржувачите аплаудираа.

Но, Ковачевски премолчи дека самиот СДСМ не ѝ даде шанса на Петровска да се бори за втор мандат. Дека истата таа Наташа не ги изгуби изборите од ВМРО-ДПМНЕ, туку СДСМ ја елиминира во времето на Зоран Заев, и одлучи дека во трката треба да влезе со младиот бизнисмен Христо Кондовски. Ковачевски ги повика битолчани да излезат на улица и да го искажат својот револт кон локалната власт.

„ДПМНЕ досега во Битола потроши 60 милиони евра. И каде се резултатите? Нема резултати. Е, па, кажете го тоа на улица. Ние имавме прекрасен градоначалник на Битола. Наташа градоначалничката, една воспитана, прекрасна жена. Викнете ја неа, таа нека им каже како домаќински се води град“, рече Ковачевски.ж

 Иако има време до изборите, во политичките кулоари на СДСМ Битола, веќе се лицитира со имиња за идни пратеници од Битола. Некои повторно ја споменуваат актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, но други велат дека таа не покажала блискост до поширокото членство и политичка харизма. Високо меѓу членството котира советничката Јадранка Павловска како прв човек на Форумот на жени. Меѓутоа, социјалдемократите за жена пратеник споменуваат и личност која ќе биде изненадување и за која велат дека ужива голема доверба, не само партиски туку општо во градот како успешен менаџер, за што има наклонети симпатии од битолчани и како натпартиски кандидат.

Што се однесува до кандидати за пратеници од посилниот пол, туку се споменува Методија Илиевски, актуелен советник, кој главно ја води битката со локалната власт како играч на истурена позиција.

„Силно сме фокусирани на работата на Советот, успеавме да обезбедиме мнозинство. Рано е за кандидатските листи, но работиме на терен и  оптимизмот расте“, вели Илиевски.

Добро упатени од ОО на СДСМ Битола велат дека за машко кандидат, голема шанса се полага во актуелен директор на државна институција, одмерен политичар со докажан политички кредибилитет и углед во градот. Лицитирањето со кандидати во СДСМ Битола е уште отворено и ситуацијата е неизвесна.

Затоа пак ВМРО-ДПМНЕ во Битола веќе ги избра потенцијалните кандидати за пратеници и го испрати списокот во Скопје, што според партиски извори не значи дека нема да бидат „пуштени по вода“. Претенденти се Пеце Милевски, локалниот лидер со неговите најблиски соработници Горан Исков и Никола Котевски, како и советничката Марица Тодоровска, партиските функционери Ангелка Диневска и Виолета Ковачевиќ. Меѓу фаворитите се споменува и кардиологот Ненси Лозанче, актуелен советник. 

Нема достапен опис.

За носител во петтата изборна единица на листата на ВМРО-ДПМНЕ се посигурно се споменува градоначалникот Коњановски, како човек кој според партиските рејтинзи ужива голема доверба меѓу членството. Коњановски не негираше.

„Со доаѓањето на позицијата градоначалник се трудам да ги исполнам очекувањата на граѓаните и ако мојата работа во таа насока на промени и подобро за граѓаните некој ја препознал, тоа е во ред“, рече Коњановски.

 Нема достапен опис.

Во последниот период, чест гостин во Битола е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој наспроти Ковачевски, битолчани ги собира под ведро небо, предочувајќи им ја на насобраните граѓани разликата како живеел народот пред централната власт да ја има СДСМ, а како во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски ги бранува емоциите онаму каде што е „најтенко“ за грото битолски семејства, загриженоста – дали ќе се продолжи векот на РЕК „Битола“ од каде директно или индиректно јадат леб 25.000 битолчани, што е речиси една третина од граѓаните.

„Следните избори се избор помеѓу оние кои сакаат да му стават катанец на РЕК ‘Битола’ и 4.000 семејства да ги остават на улица и оние кои имаат план за модернизација на РЕК ‘Битола’. Да продолжи да работи и да носи приход, модернизиран со сите еколошки стандарди. Следните избори се за оние кои денеска ги оставија земјоделците на питачки стап, оние кои ниту исплаќаат субвенции, ниту обезбедуваат откуп по достоинствени цени и оние кои воведоа сигурен откуп и субвенции и имаат план како да го развијат земјоделството“, говореше Мицкоски пред битолчани. 

Поранешниот советник во битолскиот Совет, Иванчо Тошевски, оценува дека во изборот на кандидати и понуди од партиите нема веќе место за политички „експерименти“, оти од блокади на централно и локално ниво граѓаните не видоа аир.

„Битола е предводник на Петтата изборна единица и силно рефлектира врз креирањето на политичката клима во државата, во пресрет на парламентарните избори. Поучени од искуството на локално ниво, но и од други неуспешни политички ‘експерименти’ низ државата, граѓаните треба да дадат силна поддршка на политичка партија за која сметаат дека треба да ја предводи Македонија. Од друга страна, ќе овозможат истата таа политичка партија непречено и без блокирање да работи на реализација на програмата врз основа на која ја добила довербата“, оценува Тошевски.

Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани