АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Мартин Николовски, најмладиот новинар од Битола ја доби годишната награда „Тоде Петревски“ , што јубилејно, по дваесетти пат ја додели Битолски весник.
Наградата е установена во чест на прерано починатиот новинар од Битола, Тоде Петревски, а се доделува на новинари од Битола.
Во моментов Николовски е ангажиран во редакцијата на „Гласот на Америка“ на македонски јазик во Вашингтон, САД.
„Ги повикувам сопствениците на медиуми што повеќе да вложуваат во млади кадри, затоа што новинарската професија изумира, нема веќе млади новинари. Да не дозволиме јавното мислење да ни го диктираат некои што немаат никаква вреска со новинарство преку разни поткасти, социјални медиуми. Да се вложува во млади кадри кои ќе работат на брзи, точни и проверени информации“, рече Николовски на свеченоста во Офицерскиот дом во Битола.
Мартин Николовски е дипломиран новинар на Факултетот за комуникации при Универзитетот Хаџи Бајрам Вели во Анкара, Република Турција.
Тој во 2023 година се стекна со втора диплома за завршени двегодишни додипломски студии на насоката медиуми и комуникации на Анадолу Универзитетот од Ескишехир, Турција.
Новинарот Менде Младеновски од Битолски весник, искажа сериозна загриженост за состојбите во новинарството, особено во Битола, каде нема интерес од младите да ја продолжат професијата. Но, рече дека наградата „Тоде Петрески“ опстојува заради оние малкумина што го сакаат и работат професионалното новинарство, порачувајќи „Еднаш новинар, секогаш новинар“.
„Јас после децении работа во новинарството не паметам полоши услови за работа на новинарите. Политичарите сакаат новинарите да им бидат на ‘закачалка’ да им направат добро интервју, репортажи, текстови со кои ќе станат пратеници, министри, советници, премиери, претседатели..., но никако да ги решат проблемите во медиумите. Никој не кажува како да опстојат медиумите кои ја пренесуваат вистината, ниту приватните компании немаат интерес од професионалните медиуми “, рече Младеновски, долгогодишен новинар од Битола.
Сопругата на Новинарот Тоде Петревски, Снежана и помладата ќерка Даниела Петровска-Матовска, искажаа задоволство од продолжувањето на традицијата за доделување на годишната награда и покрај реалната состојба во која се наоѓаат медиумите и дописниците од Битола.
„Најголемата филозофија на Тоде беше –‘Се поклонувам само пред вистината’. Вистината не зависеше кај него од точката на гледање, туку вистината во новинарството е една, античка и од секогаш. Тоде, беше прогонуван во сите времиња, но беше храбар и ние се носевме со таа негова храброст понекогаш полесно, понекогаш потешко. Порачувам новинарите да бидат прогрес во општеството “, рече Снежана Петровска.
„Патриотизмот не е именка за која што само треба да се пее, патриотизмот е нешто за кое треба да се вложи, а зборовите се мала работа ако нема дела. Се надевам дека владата ќе го вреднува она што новинарската професија го бара од неа, да се најде новинарството на вистинското место,а ќе се почитува слободата на изразување“, рече Даниела Петровска-Матевска.
Тоде Петрески беше дописник на Македонското радио, работеше за Дојче Веле и весникот „Политика“.
А.Б