АД ЕСМ, подружница РЕК „Битола“, денеска им додели стипендии на најдобрите десет студенти на Техничкиот факултет Битола, за академската 2023/2024 г. Стипендиите им беа доделени од страна на директорот на подружницата РЕК „Битола“, Тони Петрушевски, а во присуство на деканот на Техничкиот факултет Битола, проф. д-р Митко Костов.
Стипендистите добиваат финансиска поддршка од 80.000 денари годишно и се доделуваат за 10 месеци односно во текот на целата академска година. Финансирањето е предвидено да трае за време на сите студиски години, а стипендиите се продолжуваат еднаш годишно врз основ на исполнување на утврдени критериуми пропишани во договорите за стипендирање што, пак, се услов за продолжување на стипендиите.
Честитајќи им ја стипендијата, директорот Петрушевски, на студентите им посака успех во студиите и им порача стекнатото знаењето да го вложат во нашата компанија особено во унапредување на електроенергетскиот сектор. Од своја страна студентите искажаа благодарност за доделените стипендии и покажаа подготвеност работната кариера да ја остварат во комбинатот.
Ова е востановена практика на АД ЕСМ повеќе од 12 години и претставува директна поддршка на образовниот процес што нашата компанија ќе ја продолжи и во иднина.