
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола е во завршна фаза на изградбата на топловодот, после 13-14 години дел од институции во градот ќе добијат греење. Топловодот зависи од енергијата од „РЕК“ Битола.
Градот под Пелистер е пред нов и голем предизвик, а тоа е како да се обезбеди континуиран извор на енергија за топлификацијата, бидејќи „РЕК“ Битола е на крајот од својот живот век со користење на јаглен, од технички причини, а топлификацијата е на својот почетен животен век и целта е да функционира уште најмалку половина век.
Едно од можните решенија е обновливите извори на енергија, односно нов извор на енергија да биде отпадната вода од пречистителната станица во Битола. Проект кој е на почеток и кој ќе значи енергија за целиот град. Иако на прв поглед изгледа неверојатно но експертите од Еко Ресет Битола – Швеѓанецот д-р Нелсон Сомерфелдт и битолчанецот Горан Неделков – даваат решение за греење на Битола од отпадните води од новата прочистителна станица во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи.
„Сега топловодот ќе ја користи таканаречената ‘валкана’ енергија од ‘РЕК’ Битола, валкана заради јагленот, но со изградбата на прочисителната станица и со инсталирање на големи топлински пумпи може да се добие чиста енергија. На овој начин би имале ефикасен и еколошки топлификационен систем.“, изјави во разговор за „Апла“ д-р Нелсон Сомерфелдт.
Во рамки на проектот „Обновливи извори на енергија за греење во Битолскиот регион“, кој го менаџираше м-р Весна Неделковска, а беше финансиран преку ЕУКИ програмата и реализиран од ГАУС Институт Битола во партнерство со фондацијата „100% од обновливи извори“ од Берлин, тимот експерти анализираше нови решенија за топлификацијата на Битола, кои ќе допринесат до декарбонизација на системот.
Експертите велат - резултатот: отпадната вода од пречистителната станица да може да се искористи како енергетски извор во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи е одлична можност за намалување на емисијата на штетни гасови.
„Искористување на енергијата од водата во Битола за потребите на топлификациониот систем е можно да се изведе на неколку места од кои најповолни се во делот на пречистителната станица и во делот на ‘РЕК’ Битола и тоа да биде со примена на топлински пумпи. За подобро да разберат граѓаните, топлинските пумпи граѓаните ги имаат дома во облик на климатизери, но овде се работи за големи топлински пумпи кои ќе бидат поставени во делот на пречистителната станица или во ‘РЕК’ Битола и ќе бидат значително поефикасни отколку како што е моменталната ситуација“, објаснува д-р Сомерфелдт.
Според шведскиот експерт добро е да почне топлификациониот систем да работи со неколку објакти во градот, за граѓаните да видат дека тоа функционира и потоа ќе се прошири користењето на системот. Па вели дека постојат два начини со кои ќе може да се користи енергијата од прочистителната станица, едниот дел е произведување на биогас кој е во помала количина, другиот дел е со користење на водата како добар извор за топлинските пумпи.
Во Министерството за животна средина и просторно планирање, се одржа првиот состанок на Управувачкиот Комитет кој ја следи реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и реконструкција на канализационата мрежа во Битола.
„На состанокот беа презентирани тековниот статус и напредокот на проектот, кој во моментот е во фаза на идеен проект за пречистителната станица кој веќе е и доставен од страна на Изведувачот до Надзорот. Се разговараше за предизвиците кои стојат пред проектот во наредната фаза, како што се Основниот проект, организацијата на градилиштето, мобилизацијата, безбедносни прашања на градилиштето, како и квалитетот на работата“, објави Општина Битола.
На почетокот на 2025 година, претставници од Еко Ресет Битола и македонски енергетски компании беа во Стокхолм, каде ја посетија топланата на фирмата Stockholm Exergi во која ги има едни од најголемите топлински пумпи за топлификациони системи во светот– кои користат енергија од водата од пречистителната станица. За загревање на илјадници домаќинства.
Според Горан Неделков, консултант за инженеринг на енергетски системи, вели дека нискотемпературните системи за греење во голема мера се применуваат во топлификационите системи во развиените земји и истите резултираат со поголема конкурентност и атрактивност на истите.
„Што се однесува на користењето на водата од пречистителната станица како енергетски извор е карактеристично по тоа што водата после пречистителната станица има параметри кои резултираат со значително повисок коефициент на перформанси на топлинските пумпи и поевтино централно греење. Значи ваквите системи имаат низа позитивни ефекти како што се обезбедување на подобра одржливост на пречистителната станица, намалување на енергетска зависност, почист воздух, отворање на работни места и многу други бенефити“, изјави Неделков за „Апла“.
Предизвикот е финансирањето на топловодот со кој би се споиле пречистителната станица и топловодот кои се на оддалеченост од околу 2 километри во околината на Битола, но од друга страна со реализација на еден ваков проект се јавува можноста за додавање на индустриски корисници во топлификациониот систем кои се поголеми потрошувачи на енергија каде со вградување на дополнителни топлински пумпи од последна генерација може да се добијат параметри на топлинската енергија согласно нивните потреби во процесите.
Експертот Сомерфелдт, накрај потенцира дека со изградбата на еден ваков комбиниран систем за топлифицирање кој ќе користи енергија од вода од пречистителна станица и енергија од сонце ќе имаме намалување на зависноста од природен гас имајќи предвид фактот дека согласно плановите на државата „РЕК Битола“ ќе се трансформира во когенеративна гасна централа.
Експертите предупредуваат: за Битола да го следи овој пример, потребна е институционална соработка и поддршка со цел обезбедување на финансии и грантови за изградба на топловод кој би ја поврзал пречистителната станица со топлификационата мрежа.
Анета Блажевска