АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од француски мермер, учениците од Специјализираното училиште за резба на мермер од Кутонс, Нормандија во Франција изработија спомен плоча на која е претставено македонското знаме, подарок за гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола со која соработуваат десет години. Црвената и жолтата боја се искомбинирани многу добро и го претставуваат македонското знаме, а на плочата врежано е и името на Битолската гимназија.
„Традиционално веќе неколку години имаме соработка со училишта од Нормандија која што ја реализираме со поддршка на организацијата АЛДА, која е организација за Македонско-нормандиско пријателство и соработка, Францускиот институт, општина Битола и гимназијата ’Јосип Броз Тито’. Оваа соработка е инспирирана во знак на сеќавање на настаните од Првата светска војна.Училиштата работат на тоа и секоја година има размена на ученици. Со тоа се шири знаењето на културата, историјата и јазикот на двете земји“, рече Иљо Трајковски, професор по историја во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Во моментот 23 ученици од Кутонс се во посета на битолската Горна гимназија.
“Со овај подарок ќе го зацврстиме пријателството меѓу двете училишта“, рече Емануел Леплу, наставник по историја и географија од градот Кутонс, од Франција.
Учениците од гимназијата и гостите од Франција заедно изработуваат и друга спомен поча.
„Сега тука учениците ќе направат една спомен плоча на која ќе биде изгравирана мапата на Македонија на која што учениците ќе го изгравираат името на градот Битола и на градот Кутонс“, рече Винсент Пасо, наставник по англиски јазик од градот Кутонс, од Франција.
Соработката трае веќе десет години и досега меѓу Битола и Нормандија имало размена на 250 ученици.