АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По укинувањето на полицискиот час, во два дена битолчани имаа блиски средби со диви животни. Битолчанец вчера застана очи в очи со мечка на половина километар над Смолево, а друг жител од градот напиша на фејсбук дека на Тумбе- кафе пред него претрчало диво свинче.
„Пешачев како и вообичаено од Смолево кон месноста наречена Канал. На половина пат, на педесетина метри од скокалните за даунхил велосипедизам, во шумата на тесно земјено патче се појави мечка. Се исправи на задните нозе, ме погледна, како да се видовме очи в очи, мене крвта ми застана, почнав бавно да се враќам еден чекор, два назад. По десетина секунди ,како ништо да не е, ладнокрвно се сврти и замина, а јас се вратив назад кон манастирот во Смолево“, вели битолчанецот.
Данес пак, друг битолчанец на фејсбук го пренесе искуството од средбата што ја имал со дива свиња на Тумбе- кафе.
„Вчера на стемнување на Тумбе-кафе (над Зоолошката градина) имав блиска средба со дива свиња. Најпрво според звукот помислив дека е коњ, но кога претрча и избега пред мене сфатив дека било грофтање. Не беше голема, всушност беше диво прасе. Да не се изненадите ако ја видите, можат да бидат опасни кога ќе пораснат“, напиша битолчанецот.
Пред неполн месец семејство од Битола со две мали деца пресретнале мечка со две мали мечиња на патот за Неолица. За среќа, не ги нападнала, туку си го продолжила патот, па битолчаните раскажуваат дека со неа се разминале цивилизирано како на улица. Деновиве и планинари на Пелистер имале блиска средба со мечка на патот за Црвени Стени на Пелистер.
Можно е тишината во полицискиот час да ги охрабри дивите животни да слезат поблиску до градот. Но, веќе подолго време мечката е многу размножена во планиските и ридските предели околу Битола поради тоа што е законски заштитена .и не е дозволен отстрел.
Од ловните здруженија во Битола, велат дека потребно е да се ревидира Законот за ловоство, затоа што Пелистер е веќе пренаселен со кафеава мечка. Бараат од државата да се дозволи контролиран отстрел организиран од концесинери на ловните терени, затоа што сега од државната каса се одлеваат милиои евра за надомест на штети што ги предизвикле мечки.
Ж.З.