АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За три месеци заврши реконструкцијата на објектот за кабинетска настава во Медицинското училиште „Др. Јован Калаузи“ во Битола, за што преку Општина Битола од Министерството за животна средина се обезбедени 1,5 милиони денари. Сега се опремуваат кабинетите во оваа зграда.
-Заврши реконструкцијата на кабинетскиот дел од училиштето која опфати нова енергетски ефикасна фасада, нова ПВЦ дограма и изолација на покривот. Во овој дел практична настава изведуваат забните техничари, техничари во очна оптика и фармацевтите. Во моментот сме во фаза на осовременување на кабинетите за практична настава за профилите медицинска сестра, гинеколошко-акушерска сестра и физиотерапевтски техничар. Сегашните услови налагаат праксата да се одвива во училиште, така што во тек е и набавка на нагледни средства и материјали за работа за да можат учениците да ги стекнат потребите знања и вештини, вели директорката на Медицнско училиште, Наташа Илиева.
Со донација обновени се и лабораториите каде фармацевтските техничари изведуваат практична настава.
-Фармацевтите почнаа да ја изведуваат практичната настава во двете нови лаборатории кои се донација од аптеките „Еурофарам“, кои секогаш излегуваат во пресрет за потребите на нашето училиште. Ова е најголема донација од нив досега, а учениците ќе ја изведуваат практичната настава во најсовремена фармацевтска лабораторија, вели Илиева.
Исто така, со средства од Општина Битола и сопствени средства надминати се проблемите за изведување он лајн настава со тоа што се обезбедени 16 нови современи компјутери, по еден во секоја училница, за да може наставникот непречено да ја одржува наставата. Исто така, обезбеден е и брз оптички интернет, како и современа ЛАН мрежа, која сосема ги задоволува потребите за најголемото училиште во Регионот по бројот на ученици.
Сите активности што ги спроведува училиштето за осовременување на наставниот процес и условите за работа, се овозможија откако беше деблокирана сметката и вратени долговите кои изнесуваа над половина милион евра. Училиштето не само што беше наследено со огромни долгови, туку беше руинирано, а во повеќе наврати медиумите известуваа за катастрофалните услови во тоалетите, училници со уништени клупи, врати и прозорци, дупки во подот. Дополнително беа вложени средстава за реконструкциони зафати како од Општина Битола, така и од донации кои ги обезбеди менаџерскито тим, со што средното Медициснко училиште во Битола добива сосема поинаков амбиент, но и изглед.