АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По сушната зима, последниве недели беа богати со врнежи. Дали ја наполнаа со вода Акумулацијата „Стрежево“?
Последните врнежи од дожд и снег беа многу корисни за полнење на Акумулацијата „Стрежево“. Во овој период сите води од пелистерското сливно подрачје се собираат во алиментациониот (собирниот) канал и по истиот се дистрибуираат до Акумулацијата. Оној момент кога каналот ќе биде полн и не може да го прифати вишокот на вода (максималната пропусна моќ на овај канал е околу 5 метри кубни вода во секунда) ги приклучуваме нашите хидроцентрали да произведуваат електрична енергија. Така, во овој момент вклучени се во работа две деривациони хидроцентрали Филтерница и Довлеџик.
Колку е полно со вода Стрежевското Езеро?
Во Стрежевската акумулација има околу 65.000.000 метри кубни вода. Со оглед на тоа дека најголемите дотоци на вода од собирниот канал и од реката Шемница се во месеците март и април се надевам дека акумулацијата ќе има доволно вода за наредниот период и подготвени ќе ја дочекаме сезоната за наводнување. Овде сакам да напоменам дека временските услови во овај период се поволни, но и со рационално искористување на водниот потенцијал од акумулацијата навремено и квалитетно ќе испорачаме вода до сите наши водокориници земјоделци, индустриски капацитети, РЕК- Битола и ЈП Водовод.
Неодамна јавноста беше разбранувана од објавени фотографии со купиша пелени фрлени во близина на Стрежевското Езеро. Дали како претпријатие сте забележувале несовесно однесување и на други лица да се ослободуваат од сметот или фармите од шталско ѓубре во близина на Езерото или во сливните подрачја на реките Црна и Шемница?
Постои несовесно однесување кај поединци кои изнесувале отпад на места на кои е забрането. Последниот случај Ви е претпоставувам одлично познат, кога несовесен граѓанин фрли куп пелени. По пријава на граѓанин-риболовец реагиравме уште истиот ден и постапивме согласно нашите надлежности, а отпадот беше отстранет во соработка со ЈКП „Комуналец“ кој има дозвола за собирање и транспортирање на отпад уште следниот ден. Овде би сакал посебно да ја издвојам успешната соработка со ЈКП Комуналец од Битола.
Како претпријатието реагирало во вакви ситуации?
ЈП Стрежево во насока на управување и заштита со водните ресурси за кои е надлежен врши перманенто следење на состојбите во сливното подрачје заради обезбедување на ефикасна заштита и зачувување на квалитетот на водите од водотеците кои се вливаат во акумулацијата. Стручните служби вршат следење на состојбите во сливното подрачје на „Стрежево”, посебно во населените места од непосредното сливно подрачје на Акумулацијата, од аспект на евакуирањето на фекални води, отпадните води од сточарските фарми, депонирањето на цврстиот отпад. Вршиме евидентирање на евентуалните прекршители, изготвуваме фотографска документација, снимање, документирање на лице место како и следење на активностите во случај на забележани недозволени активности.
Дали е во ваша надлежност контролата и мерките за санкции?
Како правен субјект кој стопанисува со Акумулацијата „Стрежево“ имаме обврска да вршиме редовна теренска контрола, но немаме законска надлежност да изрекуваме санкции. Имаме воспоставено соработка со надлежните инспекциски служби, и тоа Општинскиот инспекторат за животна средина, Министерствата за животна средина, земјоделство, здравство, односно преку нивните инспекциски служби. Располагаме со сопствена служба за физичка заштита, адекватно опремена и професионална и истата е во состојба да ги преземе и ги реализира сите потребни активности од доменот на физичка заштита. Во насока на физичката заштита на водите и рибниот фонд треба да се нагласи дека вакви активности во неколку наврати беа спроведени заедно со вработени во Министерството за внатрешни работи и Државниот инспекторат за земјоделство. Во следниот период планираме да ја зајакниме контролата на терен уште повеќе и сите сторители на прекршочни и кривични дела да бидат соодветно санкционирани.
Како да се научат жителите од околината на Езерото и другите посетители да не загадуваат?
Отпочнуваме да работиме на подигнување на свеста на граѓаните за значењето на водата и животната средина во целост и водостопанските и еколошки последици кои настануваат од деградацијата на акумулацијата како воден екосистем. Во таа насока веќе имаме изработено Прирачник за користење на рибниот фонд од рекреативната зона Aкумулација „Стрежево“ кој се дава задолжително со секоја издадена дозвола и во кој меѓудругото има и список на поважни телефони од задолжени лица за оваа проблематика во претпријатието и надлежните државни институции со цел да се овозможи благовремено известување од страна на граѓаните во случај на: загадување на водата или помор на риби, загадување на околината, во и околу водата, како и евентуални незаконски дејствија, инцидентни ситуации, сомнителни активности, потенцијални опасности и ризици, како во непосредната, така и во пошироката зона.
Како претпријатието го заштитува сливот на езерото, односно дали постои колектор, прочистителна станица или слично?
Сметам дека е исклучително важно да напоменам дека ЈП Стрежево-Битола врши непрекинато, квантитативно покривање на потребите од непреработена (сирова) вода во термоенергетската и комунално-индустриската сфера, и тоа: водоснабдувањето на градот Битола и околните населени места, Рударско енергетскиот комбинат, РЕК "Битола", дел од локалните индустриски капацитети: Млекарата "ИМБ", Фабриката за квасец и алкохол итн. Во контекст на предходното не вршиме прочистување на водата, тоа е обврска на водокорисниците да го адаптираат квалитетот на водата за намената за која ја предвиделе да ја користат.
Со цел да не се загрози примарната функција на акумулацијата, како извориште на вода за потребите на водоснабдувањето на градот Битола и околните населени места согласно риболовната основа за акумулација Стрежево презедовме нова мерка – строго забрането вршење на рекреативен и спортски риболов во потесната заштитна зона. Оваа мерка отпочна со примена од 01.01.2018 година и на терен се поставњни предупредувачки табли.
Низ каква контрола водата минува пред да се испорача за битолски Водовод?
ЈП “Стрежево” располага со соодветно опремени интерни, контролни лаборатории: физичко-хемиска и микробиолошка, во кои се реализираат предвидените активности од доменот на мониторингот на квалитетот на водите од Хидросистемот “Стрежево”. Имаме сопствена годишна програма за следење на квалитетот на водите и се контролира на 43 мерни места. Програма е концепирана така што овозможува да се обезбедат потребните информации и индикации за квалитетот на влезните води во рецепторите на системот и испорачаната вода за водокорисниците, детекција на извори на загадување, трансформација на квалитетот на водите по поедини водотеци и во акумулацијата. Покрај следењето на квалитетот на водата од наша страна, согласно дозволата за зафаќање, акумулирање и користење на вода имаме законска обврска редовно да го контролираме квалитетот на водата од овластена установа (и ЈЗУ Центар за јавно здравје од Битола). Следење на квалитетот на водата од нашата акумулација врши и лабораторијата на ЈКП Водовод- Битола која е акредитирана лабораторија.