АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сегашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја развива општина Битола во следните три години со проекти што ги отпочна СДСМ, обвини координаторот на советниците од Социјалдемокртаскиот сојуз и коалицијата, Менде Илиевски, на седницата на која се носеше Развојната програма за Битола од 2022 до 2024 година. Од советничкото мнозинство му одговорија дека не се како нив да ги пресекуваат проектите кои некоја претходна власт ги започнала, туку ќе продолжат да работат во континуитет во интерес на граѓаните.
„Дури 22 проекти од сите 24 се отпочнати во изминатите четири години додека СДСМ беше на власт. Тоа значи дека сегашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ништо ново не им нуди на битолчани. Од тие 22 клучни проекти се ‘Илинденска’ ние ја започнавме и ја завршивме, реконструкција на улица ‘Довлеџик’ проект почнат, патот Трново-Магарево, реконструкција на ‘Солунска’ започната и течи, АРМ, ја започна Талески, но претходната власт имаше сериозни финансиски средства за да се овозможат услови за инвеститорите, Офицерскиот дом сто проценти наш проект, Стадионот, реконструкција на водоводи“, рече Илиевски.
Координаторот на советниците од локалното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, возврати тие имаат нивни прокети, но и дека ако некој друг практикувал локална самоуправа со правење пресеци, отфрлање на готови проекти, тоа се покажало како лошо и не планираат да го практикуваат.
„Развојната програма е се̍ она што како проект е спремно, ВМРО-ДПМНЕ со позитивна мисла ќе продолжи како локална самоуправа заедно со мнозинството да го дореализира, односно да го заврши. Така треба да функционираме. Не е работата дојде некоја друга власт, па да прекини се̍, па сега ајде на ново, граѓаните да страдаат и чекаат. Различни сме од вас и не ги кочиме проектите. Добро е кога се запазува континуитетот, кога правиме надградба, а не пресеци“, рече Милевски.
Градоначалникот Тони Коњановски најави два капитални проекти во следните три години изградба на противпожарна единица во вкупна вредност од 30.750.000 денари, распредени во три години. Вториот капитален проект е изградбата на спортски комплекс во вредност од 184.500.000 денари. Комплексот планирано е да вклучува голема спортска сала за спортски игри и мала спортска сала за боречки и индивидуални спортови, што конкретно ќе биде дефинирано при изготвувањето на проектoт. Двата објекти предвидено е да бидат изградени на просторот на поранешната касарна, а постапката ќе отпочне со изготвување на потребната проектна документација.