2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

„икс против Македонија“ - историска пресуда која го отвора патот трансродовите лица да станат видливи за државата

Декември 31, 2021

Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот „Икс против Македонија” донесе тектонски промени и насоки дека земјава треба сериозно да работи на менување на Законот за матична евиденција, за да може да им се дозволи на трансродовите лица менување на полот од женски во машки или обратно во личните документи, како на пример во личната карта. Потребна беше 11 годишна тешка битка на овој маж пред домашните судови, па и тужба против државата до Стразбур, за „Икс“ да успее да го промени полот од женско во машко во личната карта, а со тоа да го отвори патот и за другите трансродови лица кои немаат вакво право во државата. Македонското законодавство на ниеден начин не го регулира ова прашање со што се дискриминираат трансродовите лица во сите животни полиња, од обезбедување лична егзистенција и вработување, до отворање на најобична банкарска сметка или меѓународно патување на аеродромите

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Што се случи?

Во 1987 година во Скопје „Икс“ се родил и бил регистриран како девојче, со јасно женско име. Од рани години станал свесен дека е машко, а не женско. Неможејќи да добие соодветен медицински третман во Македонија, во 2010 година тој отишол во специјалистичка клиника во Белград, каде што психолог и сексолог го дијагностицирале со дијагноза „транссексуалност“. Специјалистичкиот извештај издаден на 20 септември 2010 година вклучувал препорака дека тој треба да се подложи на хормонска терапија со цел да се направи евентуална хируршка интервенција на гениталиите, по што започнал да зема хормони за да го зголеми нивото на тестостерон.

На 1 јуни 2011 година, лицето „Икс“ поднело барање за промена на неговото име и презиме. Со решение од 7 јуни 2011 година, Министерството за внатрешни работи го одобрило барањето и го регистрал  под јасно машко име (жалителот, исто така, го променил и своето презиме). Набргу потоа, МВР му издало нова лична карта со новото име. Сепак, ознаката за пол/род и личниот матичен број (составен од десет цифри, од кои некои укажуваат на полот на лицето) останале исти, идентификувајќи го жалителот како женско лице. Така мажот „Икс“, всушност имал хаотична лична карта со женски пол и последни цифри кои исто така укажуваат дека е жена, наспроти неговиот вистински родов идентитет кој е машки!

Но, понижувањата пред институциите не завршиле тука туку продолжуваат во Управата за водење матични книги, инаку под капата на Министерството за правда. До оваа управа, на 5 јули 2011 година, „Икс“ поднел барање за корекција на полот/родот и матичниот број во неговиот извод од матичната книга на родените за да се покаже дека е маж. Во прилог на неговото барање доставил копии од медицинскиот извештај од страна на хирург на специјалистичка клиника во Белград и се повикал на трудот со наслов „Човекови права и родов идентитет“ од октомври 2009 година, издаден од страна на Комесарот за човекови права на Советот на Европа и Јогјакарта принципите за примена на Меѓународно право за човекови права во однос на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Управата го одбила неговото барање наведувајќи дека:

Немал потврда издадена од надлежен орган [што го потврдува фактот] дека полот на [жалителот] бил променет, барањето било поткрепено само со потврда дека се подготвува операција за промена на полот, што не може да се смета како доказ дека тоа ќе се случи.

Жалителот поднел жалба до Министерството, посочувајќи дека немало законска одредба со која се регулирала материјата предмет на барањето. Операција за промена на полот била недостапна во Македонија, а и неоправдана во неговиот случај. Понатаму, таквото барање би го подложило на несакан медицински третман и стерилизација, што ги крши неговите права. Тој тврдел дека веќе е дијагностициран како транссексуалец, што е доволно за да се добие правно признавање на полот.

Со решение од 17 октомври 2011 година, Министерството ја одбило жалбата, наоѓајќи дека оспореното решение било засновано на членот 23 од Законот за матичната евиденција и дека доказите не биле „доволни и релевантни“ во однос на бараната промена.

На 11 јуни 2013 година, жалителот бил подложен на двојна мастектомија (отстранување на градите) во Белград и продолжил со својата хормонална терапија. Во продолжената постапка, Управата побарала од Институтот за судска медицина да го испита кандидатот. Како што се наведува во решението на Управата од 20 јуни 2014 година, Институтот за судска медицина изготвил Извештај во кој се наведува:

Во однос на неговата мастектомија и тековна хормонална терапија, тој ги прикажува машките сексуални карактеристики кои влијаат на неговиот секојдневен живот. Иако не постои законска регулатива … а втората генитална хирургија не е спроведена, вештаците сметаат дека треба да му се обезбеди документ кој го потврдува неговиот нов пол …

Управата, исто така, побарала Министерството за здравство да ја наведе природата на потврдата и органот надлежен да ја потврди промената на полот на жалителот. Како одговор, Министерството за здравство изјавило дека процедурата за менување на полот не е наведена во прописите поврзани со здравјето и сугерира дека доказите за претходна медицинска интервенција на жалителот треба да бидат земени предвид.

Во 2014 година, на 29 декември, Управата за водење матични книги повторно го одбива  барањето на „Икс“ за промена на ознаката на пол/род во изводот од матичната книга на родените,наведувајќи дека и покрај поднесените барања до надлежните органи, тие не прибавиле „доказ со кој ќе утврди фактичка состојба која укажува на промена на полот“.

Жалителот поднел неколку извештаи од 2012 и 2016 година во кои психолози наведуваат дека долготрајната постапка во однос на барањето за законско признавање на родовиот идентитет на жалителот имала негативни последици врз неговото психосоцијално и ментално здравје и секојдневниот живот.

Оваа домашна правна битка потоа се пресели во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој ја задолжи Македонија да му плати 9 илјади евра на лицето „Икс“ за претрпените штети од обесправеноста да не му биде дозволено да ја промени ознаката за родот и матичниот број. Во јануари 2019 година, ЕСЧП донесе пресуда во која стои дека на „Икс“ му е сторена повреда зашто не му се сменети податоците како резултат на нејасната правна рамка во земјава.

Пресудата е исклучително важна, зашто благодарение на неа државата ќе го европеизира Законот за матична евиденција

Пресудата налага Управата за водење матични книги индивидуално на Икс да му ги смени податоците, и да донесе јасна законска рамка која ќе обезбеди брза, транспарентна постапка за сите останати трансродови луѓе кои чекаат да им се смени ознаката во личните документи од Ж во М или обратно. Оваа пресуда е од исклучителна важност затоа што катализираше измени на Законот за матична евиденција кои ќе претставуваат системско решение за целото македонско општество. ( Овие законски измени би ја отстраниле Македонија од малата листа на држави  во Советот на Европа каде што правното признавање на родот е недостапно. Покрај нашата, на оваа листа се и Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Грузија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Србија.

Измените на Законот за матична евиденција се во собраниска процедура (со европско знаменце) и не предвидуваат медицински документи или какви било дополнителни критериуми за правно да се признае родот. Со нив се предвидува транслуѓето да поднесат писмено барање до Управата за водење матични книги и нотарска изјава со која бараат полот во матичната евиденција да им се усогласи со родовиот идентитет. Со законот Управата нема да смее веќе паушално и произволно да се прогласува за ,„ненадлежна” да постапува кога станува збор за правно признавање на родот. Така трансродовите луѓе ќе успеат нормално да функционираат и да бидат заштитени од низа повреди на човековите права. Неусогласените документи се причина трансродовите лица да не можат да аплицираат на конкурси за работа, а трпат и дискриминација кога бараат лекарска грижа со што стануваат економски и социјално виктимизирани.

Што предвидуваат измените на Законот за матична евиденција

Правниот вакуум овозможува донесување произволни одлуки со кои надлежните во исти или слични ситуации носат целосно спротивни одлуки, со што ја нарушуваат правната сигурност на транслуѓето. Оние кои веќе почнале со медицинската промена, а уште поседуваат документи за лична идентификација кои не го одразуваат нивниот актуелен изглед, родов идентитет и родово изразување се оставени во лимбо состојба на неодредено време. При изготвувањето на измените во Законот, се имаше предвид обврската на земјава да ги спроведе меѓународно преземените обврски. Најпрво тука е пресудата на Европскиот суд за човекови права со која се констатира дека земјава сторила повреда на членот 8 од Конвенцијата поради недостиг на регулаторна рамка која обезбедува право на почитување на приватниот живот на жалителот.
 
За да се направат измените во Законот, се формираше работна група со претставници на здруженија кои работат со трансзаедницата. Во овој процес се користеа законските решенија на Џендер Идентити, Џендер Експрешн и Секс карактеристикс Акт на Малта. Работната група во 2020 беше во студиска посета во Малта со цел запознавање со законските решенија и пракса за правно признавање на род во оваа земја. Законите усвоени во Холандија, Шведска, Хрватска и Португалија не бараат воведување хормонска терапија, операција или стерилизација иако уште постои барање за медицинска потврда како услов за одобрување на правното признавање на родот. Трендот на поедноставување на постапката за правно признавање на родот е видлив и на национално ниво во некои држави каде се напушта праксата за задолжителна стерилизација или други предуслови. Законите во Данска, Малта и Ирска се модел заснован целосно на правото на самоопределување на транслуѓето без наметнување обврска за дијагностицирање или друга медицинска интервенција.
 

Со предложените измени на  Законот за матичната евиденција во член 1-а по точката 5 се додаваат четири нови точки: 6, 7, 8 и 9, кои гласат:

6. „Пол“ – претставува физичка карактеристика на поединецот (репродуктивен систем, хромозоми, хормони) според која се назначува полот.

7. „Род “– претставува општествено конструирани улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите.

8 „Родов идентитет “– претставува внатрешно и индивидуално доживување за род на секое лице, кое може или не кореспондира со полот кој што е одреден со раѓање, вклучително личното чувство за телото и други манифестации на родот, како што се: име, облека, говор и манири.

9. „Правно признавање на родот“– претставува постапка во која поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин се признава родовиот идентитет.

Според измените на Законот кои се во собраниска процедура, во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување докази за хируршка процедура, за цеосно или делумно прераспределување гениталии, хормонална терапија или кој било друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето. Кон барањето се доставува копија од лична карта и изјава од барателот за правно признавање на родот составена од нотар, во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање, дека промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска, како и извршување на казна изречена од надлежен суд во Северна Македонија и странски суд под целосна материјална и кривична одговорност.
 
Врз основа на правосилно решение со кое правно се признава родот, Управата врши промена на податоците за пол во матичната книга на родите во рок од 10 дена од правосилноста на решението. Решението со кое правно се признава родот, Управата во рок од три дена од правосилноста на решението го доставува до МВР со барање за поништување на матичен број. Изводот од матичната книга на родените се издава без да се стави забелешка за промената на полот.

https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани