АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Ало, Ленче, кај ти е чупето?
– Дома на компјутер, оти?
– Лавот избегал!
– Каков лаф (муабет)?
– Не мори лафот, туку лавот од Зоолошката.
Вака некако течела комуникацијата меѓу две битолчанки кои во паника и став побараа новинарите да проверат дали навистина избегал лавот од Зоолошката градина во Битола.
Со квалификација дека „новинарите спијат на ушите“, веста за лавот-бегалец, се проверуваше и од криминалистичката полицијата на СВР Битола,пишува Независен https://nezavisen.mk/
Всушност изминатите два дена меѓу битолчани се шират лажни вести кои наводно ги прочитале на некои портали и на социјалните мрежи дека лавот избегал од Зоолошката во Битола и дека дури полициски и пожарникарски возила го бараат да го заловат во делот на Тумбе Кафе, ридот над Зоолошката, ама ете „не било исклучено да е и заминат во градот“.
Приказни се плетат според паничната состојба и моќта на фантазијата на прераскажувачот, па се оди и дотаму, ако можело лавот да им избега од зоолошките градини во Брисел и во Турција, оти па да не и од Зоолошката во Битола.
Ваквите злонамерни и екстремно злобни вести кои се шират меѓу граѓаните предизвикуваат страв и паника, па повозрасните вртат по телефони и си ги бараат деца кои излегле на прошетка.
„Да не беше трагична ситуација ќе беше крајно смешна. Дали се играат играчки со вакви лажни вести згора на стравот од вирусот и паниката од пандемијата“, коментираат граѓани, кои најголемата вина ја гледаат токму во медиумите, непроверените информации, социјалните мрежи, каде секој што сака може да напише и „лесно“ да си помине со ширење лажни вести.
Оваа злонамерна информација ги вознемири и вработените во Зоолошката градина во Битола, кои веќе два дена се под притисок, со постојани контроли и проверки на сите кафези. Во Зоолошката имат згрижено лав и лавица кои се во заеднички поголем кафез, а наскоро се очекува да биде згрижено и мало лавче.
„Два дена се шират вакви лажни вести, ми кажуваат дека луѓето читале во некој портал, ама не знаеме кој, пишувало на Фејсбук. Синоќа ми се јави и началникот на криминалистичка полиција за да ја провери вести. Па, се јавив кај нашиот вработен, се потврди ситуацијата, повторно сѐ беше во ред. Кому ова би му користело во овој момент не можам да претпоставам“, вели Марјан Наловски, директор на Зоолошката градина во Битола, во изјава за „Независен“.
Наловски вели дека информацијата има единствена цел да предизвика страв и паника кај граѓаните.
„Да избега лав од кафез е страшна работа. Ако избега мечка поверојатно е дека таа ќе замине кон шумата, ама лавот е непредвидлив, тој може да се упати и во градот, во населено место“, вели директорот Наловски.
Синоќа полицијата ја проверуваше лажната вест.
„Пријава во полиција нема, но знаеме дека неколку дена се шират вакви лажни вести, па синоќа повторно се проверија информациите кај директорот и вработените. Бараме кај била објавена веста, кој сѐ ја пласирал за да можеме да тргнеме од некаде“, велат од СВР-Битола.
Од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, по добивање на пријава за ширење на лажни вести, согласно Законот за кривична постапка, го известува надлежното Основно јавно јбвинителство со цел добивање инструкции за понатамошно постапување и преземање на соодветни мерки со цел утврдување на можен сторител и поднесување на соодветен поднесок против него.
Сузана Прањиќ-Талевска, државен советник во Секторот за односи со јавност при МВР, смета дека со брзиот развој на новите медиуми, како и со зајакнувањето на влијанието на социјалните мрежи многу често сме сведоци на појава на дезинформации и лажни вести, иако понекогаш тоа го прават и некои медиуми, најчесто портали, дел од нив целно и организирано, за да нанесат штета или да остварат профит, а дел наседнуваат на постојни објави, без да го направат она основното – проверка на информацијата.
„Особено со пандемијата на Ковид-19 се зголеми бројот на лажни вести кои имаа за цел да манипулираат. Така, од страна на Министерството за внатрешни работи, до септември е постапувано по вкупно 58 дописи кои се однесуваат на ширење на лажни вести поврзани со Ковид-19, но иницираат и други кривични дела. Притоа, испратени се 31 известување до ОЈО Скопје“, вели Сузана Прањиќ-Талевска.
Зоолошката градина во Битола многу често е мета на критики во јавноста, особено заради забелешки на невладини организации и поборници за правата на животните дека нема соодветни услови за чување на животните. Па, често на социјалните мрежи се пишува дека „Зоолошка градина во Битола ниту е соодветно, ниту хумано место за животните. Тие живеат мизерно во кафези и негрижа“.
Но факт е дека во последните неколку години се вложува во неа и тоа во реконструкција на живеалиштата и во подмладување на станарите. Зоолошката градина во Битола е единствена во југозападниот регион од особено значење за градот.
Причината за ширењето на лажни вести, пак, според нашите контакти, некои ја лоцираат во смената на локалната власт и претензиите да се назначи нов директор. За појаснување, Зоолошката градина во Битола е под капата на Општина Битола, а сегашниот директор е кадар поставен од претходната локална власт на СДСМ. Од Зоолошката велат ако целта на ширењето лажни вести и предизвикувањето на паника меѓу граѓаните е од оваа побуда, тоа може да се среди многу бргу и лесно, отколку да се шират крајно злобни и панични вести за мирот и сигурноста на граѓаните, особено не со лага за избеганиот лав. https://nezavisen.mk/