ВЛАДАТА ЌЕ ГО БЛОКИРА ТЕЛЕГРАМ, АКО НЕ ЈА ЗАТВОРИ ГРУПАТА „ЈАВНА СОБА“

Јануари 28, 2021

Доколку социјалната мрежа „Телеграм“ не одговори позитивно на барањата испратени од владта за бришење на групата „Јавна соба“ во која што се споделуваат порнографски материјали од жени и девојки, Владата ја разгледува опцијата апликацијата да биде блокирана или ограничена за користење во Македонија, објави премиерот Зоран Заев.

„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување. Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело“, објави Заев во статус на Фејсбук.

Заев додава дека целта на една ваква постапка не е цензура, туку заштита на граѓаните.

„ Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“, пишува Заев.

Тој упати порака до членовите група со предупредување да престанат со споделување на порнографска содржина и злоупотреба на податоци на и да излезат од групата.

„На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, вели Заев.

До жртвите на „Јавна соба“ премиерот испрати порака дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори да бидат заштитиме и да се казнат сторителите на овие грозни дела.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани