2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Заштеда на енергија во домовите (Пишува ред. проф. д-р Цвете Димитриеска)

Октомври 19, 2022

 

Темата - енергетска криза е моментно најактуелна, а за жал така ќе биде и во догледна иднина. Ова се однесува и на економскиот импакт од енергетската криза со која се соочува човештвото, вклучително секојдневно и секој од нас.

Во интерес на предвидениот простор на оваа тема, која за воља на вистината е многу обемна, ќе се обидам да ги групирам поентите на моето размислување и да дадам неколку препораки во таа насока.

1) Кога зборуваме за институционални мерки, истите треба да се сместат во три категории, мерки кои треба да ги превземе државата, со сите механизми кои и стојат на располагање, мерки за кои е надлежна локалната самоуправа и на крај семејството, кое секако треба да превземе активности во рамките на своите можности.

2) Мерките од друга страна може да се поделат на глобални, регионални и локални. Се сведуваме на локалните, кои се условени од географската поставеност на државата, односно од климатските карактеристики, стандардот, културата и навиките на населението, што ќе рече социо-економските и други фактори.

3) Според друга поделба мерките може да бидат долгорочни, среднорочни и краткорочни.

Што може едно семејство да превземе во делот на заштеда на енергија, односно заштеда на финасиите, што ќе се одрази врз семејниот буџет?

За жал, историјата памети вакви кризи, поточно како непишано правило е дека после здравствена криза каква што беше пандемијата следат економска, енергетска, еколошка, воена криза, односно комбинација од нив.

Ќе зборувам сега согласно погоре наведените поделби за мерки кои може да се превземат тука во Македонија, при овие услови, клима, навики, стандард, менталитет и др., во кои живее едно просечно семејство. Зошто? Затоа што не може мерките да се превземаат ад хок од соседните земји или пошироко, како што се правеше и се прави многу пати до сега за други проблеми, едноставо тоа не е природно?! Знаете...

Во Македонија, согласно последниот попис, познато е дека најголем број на жители има во неколку урбани средини, наспроти руралните, кои со ретки исклучоци се ненаселени. Едни се навиките и потребите во град, други се во руралните средини, каде и пристапот на алтернативни енергенси е различен.

Едно просечно македонско семејство брои 3 до 5 членови, навиките на живеење во поголема заедница, каде имаше спој на генерации, полека се напуштаат, што е и во ред донекаде.

Градењето на трикатни куќи во кои ќе живеаат повеќе генерации односно блиски семејства, се покажа исто неодрживо, што заради зголеменото иселување на младите, што заради променетиот стил на живеење...сигурно сте виделе огромни куќи во кои зимно време свети само една просторија, ова не е само од сега. Навиките за заеднички ручек, вечера, семејни веселби, посети, гости се исто така сменети, делумно и како рецидив на пандемијата.

Готвењето од вечер, перењето, пеглањето на ефтина струја не е непознато за нас, неделното капење, спремање јадење за неколку дена и куп други женски марифетлуци, биле пракса на нашите баби, мајки. Тоа порано се викало домаќинлук, било сосема нормално и логично. Старите и до ден денес одат по младите и ги гаснат сијалиците. Купувањето на дрва за греење во април, мај за следната зима биле правило за еснаф куќа. Луѓето од памтивек граделе куќи на присој, саделе дрва за сенка и завет, населувале области околу река, змно време се облекувале топло, со природни материјали, волнени чорапи, елеци, спиеле покриени со дифтици и тешки јоргани. Ние мора да си признаеме, малку сме „разгалени“ во таа смисла.

Ова само на кратко ги отсликува навиките и стилот на живеење во едно просечно македонско семејство кои се менуваат во од, согласно наметнатите услови.

Исто така, Битола памети зими какви што биле 1967, 1979, 1983, 2005, 2017 година, кога температурите паднале и до – 30 оС, и се задржале како такви во траење од еден месец, без да се качи со денови по ред температурата над нула оС.

Кои мерки може да се превземат најитно и да дадат брзи резултати?

Да се вратам на оваа грејна сезона која штотуку започна. Притоа морам да напоменам дека не треба да се врзува потрошувачката на енергија само со потребите за затоплување на домовите и извршување на основните потреби на човекот. Тоа се однесува и на потребите од гориво за автомобилите, потребите од енергија за индустриските капацитети, работните простории по фирмите, за непречено одвивање на транспортот, јавното осветлување, екстериерното уредување и др. како потреба на работоспособното население, учениците, студентите, кои го врват поголемиот дел од времето надвор од своите домови, од 5 до 10 часови дневно.

При недостиг на енергенси, но и при нивно нерационално користење, во прв план е енергетската и слетствено економската криза (нагло и постојано зголемување на цените на прехрамбените производи), но паралелно се продлабочува и еколошката криза, со локално загадување на воздухот, особено во густо населените места, каде доминираат ниските извори на загадување и помали индустриски капацитети.

Како среднорочни и краткорочни мерки, кои може да дадат некаков резултат во претстојните месеци кога е и пикот на потребите од енергија, електрична, топлинска, за жал, во најголем дел паѓаат на товар на секој поединец. Треба да се дејствува сега и веднаш, да не речам од некни. Еве неколку совети: 1) подигнување на свеста на населението пред се, рационално однесување кон енергенсите, вклучително и кон водата бидејќи и таа е енергенс, 2) држење на едукативни предавања од најмала возраст во градинките, предшколска возраст, па се до факултетите, 3) Воведување на глоби, односно казни, за секој кој ќе се однесува нерационално во делот на користење на енергија, зашто тие индирекно се и потенцијални загадувачи на околината, 4) да се ограничи и количината на гориво (течно, тврдо, гасовито) кое може едно приватно или правно лице, фирма, институција да го наточи или набави во текот на месецот, грејната сезона, 5) давање на приоритети, односно субвенционирање на некои институции како болници, градинки, старски домови, училишта и др. Некои мерки се веќе превземени во делот на наплатата при користење на електрична енергија со сведување во категории на потрошувачи.

Уклучување на бојлер, термоакумулациона печка, клима уред, рерна, машина за перење, сушење греалка, на скапа струја, не смее да се практикува, освен ако е неопходно. Постојано приклучени компјутери, лаптопи, таблети, мобилни телефони, нивно оставање на полнач преку цела ноќ, не е рационално и оправдано.

Значи, навиките треба да се сменат од корен, ова особено се однесува на помладите генерации кои делуваат нерационално при користење на енергијата, секако ова не е критика, туку е совет кој треба да го прифатат час поскоро.

Навиките за складирање голема количина на зимница, месо, користење на фрижидери за длабоко замрзнување, треба да се напуштат, бидејќи и овие уреди се потрошувачи на енергија. Можеби ова не е популарна мерка во нашите простори, но дури и готвењето секој ден во семејства каде се по двајца, тројца, нема економска оправданост, зашто треба да се запали шпорет, рерна, поисплатливо е купување на готова, готвена храна, која одлично ја заменува домашната. Не случајно порано имало јавни мензи каде можело секој да јаде надвор по прифатлива цена, а исто така ваква пракса имало и по фабриките, фирмите кои секако во работно време од 8 часа мора да ја задоволат и оваа потреба на вработените. И ова е одлична мерка која може брзо да се воспостави. Се ова малку по малку дава придонес во заштедата на енергија, време и пари.

Исто така не е лошо да се напомене дека препорачни мерки се и замена на дограма, користење на штедливи светилки, купување на енергетски ефикасни електрични уреди, поставување на демит фасада, ангажирање на јужни, западни простории за повеќечасовен престој во текот на денот, вградување на специјални видови на стакла, фасади кои имаат способност да акумулираат топлинска енергија, вградување на топлински пумпи и др. За вградување на сончеви колектори, поставување на фотоволтаици, хибридни системи е често зборувано. Малку поширока мерка која се однесува за фирмите, институциите, училиштата, факултетите, јавните објекти и др. е да се воведе флексибилно работно време кое ќе почнува од 9, 10 часот и ќе трае до 16, 17 часот, со цел да се искорити најтоплиот дел од денот. Да се премине на етажно или зонско греење на објектите. Секако за ова требаше да се размислува претходно, односно подготовските требаше да се вршат во текот на изминатите пролет и лето.

На предавања на моите студенти од последните генерации, кои се на студиската програма Енергетика, често им викам дека темите обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност се на големо разработени особено во развиениот свет, во соседството и помалку кај нас, реализирани или во фаза на реализација се голем број на проекти од оваа област. Идејно предмет на интерес ќе биде т.н. „нула отпад“ технологијата која не е непозната во светот, но кај нас допрва треба да влезе на голема врата. Колку поразвиена земја, толку поголема количина на отпад, се е амбалажирано и за една употреба.

Асоцијацијата во секое ѓубре да се гледа калорија, не е смешна, неопходна е. Ако се вратиме на погорната поделба во делот на мерките, нашата држава и според географските, климатските услови, културата на живеење, навиките, стандардот и ред други карактеристики... не сакам да навлегувам во статистичките податоци за тоа колку отпад се продуцира на годишно ниво во секој град, реон во државата, за што има јавни податоци, ќе се види дека отпадот навистина може да се користи како енергенс. Има големи количини на дрвен отпад, земјоделски отпад, индустриски отпад, комунален отпад, течен отпад, отпад каков што е хартија, пластика, стакло, гума, обработлив индустриски отпад кој може да се рециклира, доискористи. Постои и електронски отпад, медицински отпад, опасен отпад, кабаст отпад, градежен отпад и др.

Убаво стои во секоја урбана средина контејнер за стакло, пластика, хартија, органски отпад... но верувам дека ретко кој од нас има навика да го селектира отпадот и уредно да го распредели каде што му е местото, за жал.

Затоа треба да постои и еко данок, еко полиција, еко стимулација, што ќе рече „фрли отпад доби пари“, па ќе видите како ќе профункционира системот. Затоа мерките треба да се сведат на менталитот на народот, не да се препишуваат од Германија, Австрија, Америка.... иако таму истите наши сонародници одлично се однесуваат. За воља на вистината постојат закони, правилници поврзани со оваа проблематика, но за жал не се применуваат.

Се радувам на една емисија која оди во етерот, односно на фејсбук каде една малечка госпоѓица дава едукативни совети поврзани со рационалното користење на енергијата, како и една детска емисија која се емитува на локално радио и обработува вакви теми. Значи најмалите се обидуваат да ни објаснат и нам на возрасните, како да се однесуваме, што е добро.

Моето прво предавање на студиската програма Заштита на животна и работна средина оди со добро познатата мисла „Планетата Земја ја наследуваме од предците а ја позајмуваме од идните генерации“. За жал, во услови кога на таа планета живеат скоро 8 милијарди жители од кои многу мал дел се онесуваат одговорно, а според некои истражувања се предвидува дека до 2055 година бројот на населението ќе се зголеми на 10 милијарди жители, состојбата во делот на обезбедување на потребни ресурси, енергенси, храна, вода навистина е алармантна. Согласно теоријата на Томас Малтус, позната како малтузијанизам, стои дека бројот на населението расте со геометриска прогресија, а индустриското производство, односно задоволувањето на потребите на населението, е според аритметичка прогресија. Затоа, ова е многу широка тема, која опфаќа повеќе науки, економија, статистика, социологија, демографски промени и др.

Да завршам, перцепцијата дека енергетиката е електрично коло со можност on/off треба веднаш да се напушти, па затоа треба да се делува стратешки, со сериозни мерки на подолг рок кои даваат евидентни резултати.

На потег е државата, локалната самоуправа, научните институции но и секој од нас, сега и веднаш.

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани