2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Заокружување на првото наставно полугодие- учите за знаење а не за петки (пишува Александар Адамовски)

Декември 27, 2022

Видовме и потврдивме дека онлајн наставата не е иста како наставата со физичко присуство. После пандемискиот период, се чувствува животот во училиштата, училниците и училиштните дворови, нели, како што доликува. Секако, соработката на учениците, со наставниците, па и на родителите е многу поблиска и поверодостојна. Исто така, забележуваме, но и насетуваме кај учениците дека на часовите „подзаборавија“ да пишуваат или почесто им се уморува раката од пишување. Нормално, тоа е резултат на долгиот (онлајн) период пред компјутер и на мобилен телефон. Но, не мора да значи, дека е баш така. Кој си учи и си работи, не наидува на никаква тешкотија. Сепак, тоа е до личната волја и совест!

И технологијата си го прави своето, тука нема дилеми?! За читањето убава белетристика, не сакам да пишувам, бидејќи тоа одамна е веќе заборавено, со ретки исклучоци на одговорни и посветени ученици. Или народски: „снајди се, па живеј“, меѓутоа, не е начин, да се стигне до знаење и успех. Како и да е, наставните активности, се одвиваат многу подобро.

По однос на прилагодувањето, не се согласувам дека на децата им било потешко, бидејќи долго време не биле во училиште и сега било потребно време за да ги вратат училиштните навики. Повеќе пати имам кажувано и ќе повторам: учењето е континуиран процес, а не, само од денес, за утре. Од тоа, нема придобивка. Од интелектуалниот капацитет кај едно дете, зависи и совладувањето на тоа што се учи и што треба да се истражува и знае. Точно е и многу се согласувам дека децата треба да бидат растеретени со наставни часови и предмети. Но, за тоа имаме надлежни институции кои треба да преземат соодветни мерки, а ние, наставниците тоа не можеме да го менуваме на своја рака. Свесни сме, за сите наставни околности..., посебно за очекуваните наставни реформи. Ние, само извршуваме и постапуваме како што ќе нѝ биде кажано. Доколку, се побара консултација и помош од наша страна, со задоволство ќе ја пружиме.

Веќе го насетуваме крајот на првото полугодие, стандарден период, исполнет со многу тестови, усни испрашувања, односно, заокружување на ученото, изминативе 4 месеци. Период, кој треба да се истрае и успешно да се заврши. Да запомнеме: ништо не е тешко, ако му го земеш редот стабилно и сериозно. Тоа се нарекува: континуитет. Со коректна комуникација, стабилна посветеност на наставните обврски и со многу љубов и желба, ќе ги потврдиме очекуваните резултати. Исто така, уште еднаш, по не знам кој пат, ќе повторам: на училиште, не учиме за оценки (тие се само формални бројки) кои фигурираат за одреден степен на постигнатиот успех, но не се клучни во утврдување на трајни: знаења, умеења, вештини. Така што, тоа воопшто да не ги загрижува ниту учениците, ниту нивните родители, дали меѓу сите петки, ќе има една четворка или една тројка. Тоа да не се сфаќа толку емотивно и трагично, затоа што може да се регулира на многу други начини. Оценката е значи, само форма, но не и содржина! Месеците: декември и мај, се водат битки за оценки, што е многу погрешно. Не се сфатила суштината на бројката, во споредба со квалитетно стекнатото знаење. Кога се работи една работа, не се тргнува од тоа што сме имале на школо, ами колку тоа практично умееме да го ставиме на располагање. Всушност, многу е едноставно: теоријата станува пракса, ако знаеш правилно да ја применуваш. Да се водиме по тој принцип и пореално да ги гледаме работите, а не, само да реагираме на сѐ и сешто. Тоа не е за добробит.

Да напредуваме со она што ќе ни биде од корист и служба, а не, да тежнееме за петки или не знам, за двојки итн. Се тргнува од елементарното, па се оди кон посложеното. На сите колеги, кои безрезервно и безпоштедно работат во настава и таа им е приоритетна цел на работа, како и на сите ученици, кои навистина се трудат да го вложат максималниот капацитет, односно дарот што го поседуваат: им честитам за постигнатите успеси кои значат и вредат, со желба за уште подобри докажувања, со нови сили, во второто наставно полугодие, со многу мотивираност и радост. До учениците: скијајте, ама не заборавајте да подзавртите некоја книжевна страничка, ние наставниците по македонски јазик, обично, не само за летниот, ами и за зимскиот распуст, даваме лектира. Па, среќно! Повеќе да читаме, да ги оставиме малку настрана социјалните мрежи!

Ви посакувам: Среќна Нова 2023 година и среќни новогодишни празници, со желби за: добро здравје, љубов, среќа, напредок и многу убави и позитивни работи и случувања!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани