2win800x200

Носталгија без носталгија (Пишува м-р Даниела Петровска)

Март 22, 2023

 

Став на  м-р професор Даниела Петровска    

 

             Носталгијата е „налепница што го опишува сложениот чувствен удар на неповратност и губиток“ (Дубравка Угрешиќ).  Дали чувствуваме помиреност со „губитокот“, олеснување поради „ослободување од товарот на сопственото или колективното  минато“ или тоа е копнеж по него?

            Сите реки на животот, сите негови промени, полифонијата противречности, сите невидливи хармонии и дисхармонии, целата бескрајна музика на човековата изворишност во себе и надвор од себе, се слеваат во коритото на животот.  Човекот, лице в лице со себе, ги открива промените на текот на реките, го следи законитиот немир и сите мени на стварноста низ призмата на сопствената промена.  Врз него се кршат противречностите на заблудите и свесноста, неговите издигнувања и распнувања. Тој се самооткрива низ немирен и нерамнодушен самоговор и контемплација, низ своите површини и длабочини, низ носталгичната невралгија за тоа што било и веќе не може да биде.  На онаа страна од сегашноста, секоја иднина е блиска и секое минато е далечина.  Сѐ што било, не го прави животот вреден за живеење.  Можеби низ безмерната рамнодушност, човекот ја заспива исцрпеноста од исчекувањето на манифестација на емоцијата, чувствувајќи се онтички уморен.           

            Носталгијата понекогаш е порив човекот да се врати во својот дом, одамна напуштен низ премрежињата на личната драма или на војните.  Таа е и духовно егзистентен немир што се јавува како дага и го пара сеќавањето за оние лудо поминати времиња како далечно доживување на бессоните ноќи низ песочните плажи на младоста?  Носталгијата одамна го надминала ова основно значење и низ психосоцијалната призма ја открива човековата агонија по изгубеното време на младоста, по „она“ време кое „новите“ генерации никогаш нема да го „сфатат“, зашто нивниот спектар за разбирање на животот е „еднобоен и непродуктивен, необлагороден со боите на „она“ време што е само нечија ментална проекција на идеализираното минато. 

            Ќе се почувствува ли човекот стар ако ѝ даде место на носталгијата да ги излее сите свои емотивни талози?  Ќе се почувствува ли човекот доволно млад за да има желби ако ја остави носталгијата зад себе како кожурок од змија?  Времето минато се појавува  како споменик на заборавот, како антагонист на сите плачови над личната или колективната „несреќна“ судбина.  За некого, времето станува протагонист на сегашниов миг во кој всушност тоа линеарно и не постои.  Тоа станува вечност во траење на животот во секоја минлива единица мерка што се обидува него да го измери. А, секој иден миг е некој сегашен миг во кој нема ограничување на можностите за креација на животот според сопствена мерка. 

            Во секој човек има латентна способност, талент, нијансирана моќ што е единствена како животот. Ако човекот ја еманципира носталгијата низ призмата на позитивниот контекст што креира идни светови и потенцијални остварувања, таа ги открива бескрајните можности на разноликоста на креацијата. Приближувањето кон свесноста за своите можности, го носи човекот до ослободување од наталожените стравови во психоемотивната рамка на личноста и сите духовни енклави се рушат како кули од карти.

            Човекот како свесен креатор на својот живот создава своја духовна лабораторија во која внесува нови  мисловни елементи, ведро расположение, сонува „будни“ сништа за сопственото совршенство.  Секоја имагинација, секој сон е невидлива реалност.  Колку се посилни  имагинацијата и сонувањето, толку поголема е можноста за нивна реализација во стварноста.  Затоа треба субјектот будно да сонува, дење и ноќе за можноста од „кал да направи злато“ (Бодлер).

            Среќата треба да се бара поради самата себе, не поради носталгичните сеќавања за некогашниот „неповторлив“ живот обоен со патината на „рајската“ состојба на животот.  Субјектот треба носталгично да се стреми кон среќа и да биде ослободен од сите стравови и од сите лажни уверувања што може егзистентно да го вознемират него како трагач.  На крај, најдобро е човекот да им се случи на носталгијата и среќата, ослободен од гломазните толкувања дека филозофијата за животот е негово дешифрирање, туку поединечно стигнување до благосостојбата (материјална и духовна) како цел.  А, тоа се разбира е индивидуален иницијациски пат кој е разнообразен и зависи од човековите знаења, очекувања, соништа за постигањата, зависи од неговите секојдневни дилеми.

            Треба да се запрашаме каков став кон себе треба да заземе човекот за да биде среќен во денешниов општествено-историски контекст.  Ако „потрагата“ по среќа значи отсуство на вознемиреност, немање физичка, душевна или егзистенцијална болка, тогаш јасно е дека тие ентитети се факторите на тревога кај современиот човек и дека тој треба да најде начин како од нив да се ослободи.  Тоа е нешто како патување низ мирно море после бура, смирување на внатрешните бранови, мирна пловидба, враќање на умот во состојба на спокојство. 

            Патувајте низ животот со самодоверба, со љубов кон себе и кон ближниот, радувајте се на секој миг, тој е секогаш овој сегашен миг, носејќи ја носталгијата како амблем на добивањето при секоја загуба, како налепница што ве легитимира како способни субјекти кои и во „ништото“ гледаат сѐ, зашто од него се космизирал хаосот како митологема и како реликт на секоја човекова стварност.

м-р професор Даниела Петровска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани