АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор Анета Блажевска
БИТОЛА – Битолските политичари кога ќе го поминат Плетвар забораваат на Битола! Оваа реченица често ја користат граѓаните од градот на конзулите, кога коментираат за политика, најчесто разочарани од предизборните ветувања и исполнувањата на партиите, но пред сѐ од изборот на партиски кадри за кандидати за пратеници.
Па, така во ова предизборие, битолчани на социјалните мрежи не се стеснуваат да ги кажат своите размислувања.
„На македонска политичка сцена се одвива ‘нафталин’ политика. Сѐ едни те исти кадри. Безидејност, вртење во круг, тапкање во место“, коментира битолчанецот Љубен.
Граѓанскиот активист Драган Велјанов коментира – „Јас се надевам дека после овие избори ќе следи политичка криза со бугарското сценарио, никој да не може да обезбеди мнозинство за да формира нова влада и со тоа да одиме на нови избори со нови листи.
Пензионерот Љубе Ѓеоргиевски вели – „До менталитетот е, колку политичарот како човек е праведен и предан на градот, на гласачите што го избрале. Оти секој политичар досега што го заминал Плетвар, заборавил на Битола!“
Битолчани, познати на редакцијата кои следат политика велат дека Битола, во политичкиот дел има проблем со тоа што не „исфрлила“, народски кажано, „истурени“ личности, интелектуалци кои со целиот свој кредибилитет и интегритет ќе можат да се борат локалистички, за ова место, за овој крај, па макар тоа да било и спротивно на интересите на пошироката заедница.
Значи, на Битола ѝ требаат локал патриоти, за да лобираат за решавање на круцијални потреби за градот.
Наши соговорници, бивши партиски функционери коментираат дека во првиот плуралистички парламент Битола имаше 9 пратеници од различни партии. Во вториот седум, а како одминуваа годините таа бројка се повеќе се намалуваше. Во сегашниот состав на парламентот, за време на последната влада на СДСМ, самата партијата немаше ни еден пратеник од Битола, а ВМРО-ДПМНЕ две пратенички. Значи од легитимно избрани четворица пратеници Битола остана само на двајца пратеници.
„Целата оваа ситуација низ годините, кога пратеници од Битола има сѐ помалку во Собрание, без оглед на партијата, овозможи Битола да добива се помалку од ‘колачот’, значи од државните пари. Ако размислуваме како локал патриоти и ако споредиме со други општини каде што има пратеници ‘per capita’, на пример Тетово, ќе видиме колку добиле тие, а колку ние. Исто е и со Куманово“, вели поранешен пратеник од Битола, кој сакаше да остане анонимен.
Јорго Шундовски, поранешен министер анализира дека во политичка смисла Битола е лошо поставена.
„За жал, Битола е депласирана во политичкиот амбиент на државата. Со годините наназад констатираме дека имаме малку пратеници од Битола, малку министри. Министрите се бираат по партиска припадност, а не по квалитет на партиска припадност. Кој да се ‘бори’ за Битола? За да го направиш тоа треба да имаш интелектуални способности и вредности, ораторски вештини, економски математики“, зборува Шундовски за nezavisen.mk
На претстојните парламентарни избори, што се однесува до партиите од македонскиот блок, на листите има 15 кандидати за пратеници. СДСМ има двајца кандидати од Битола: Бисера Костадиновска-Стојчевска и Методија Илиевски; ВМРО-ДПМНЕ четворица: Олга Лозановска, Пеце Милевски, Силвана Ангелевска и Мартин Ивановски. Левица исто така оди со четворица кандидати: Горан Велевски, Гаврил Трајковски, Бранислава Стојановиќ-Ибрајтер и Елена Групче-Солунческа.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во „Петката“ се реши да ги остави двете пратенички што беа и досега, Лозановска и Ангелевска, а за прв пат во „трката“ влегува и локалниот претседател на општинскиот комитет Пеце Милевски.
„Со работата на ОК на ВМРО -ДПМНЕ во Битола покажавме дека Битола заслужува повеќе места за пратеници на листата во Петката. Христијан Мицкоски ни даде централно внимание со четворица кандидати од кои според нашите анкети влегуваат дури тројца битолчани во парламентот. Битола е најважниот центар во овој регион за ВМРО-ДПМНЕ, тоа се покажа досега со работата на двете пратенички“, ни изјави Милевски, кандидат за пратеник.
СДСМ Битола, на листата за пратеници во ИЕ 5 доби само две места, на втората позиција, зад носителот е името на министерката Костадиновска-Стојчевска, а на седмата позиција е Методија Илиевски, актуелен советник во Советот на Општина Битола.
Локалниот лидер на ОО на СДСМ Битола, Драган Крајовски, смета дека не е „хендикеп“ што како општинска организација добиле само две позиции, туку дека локалното ВМРО-ДПМНЕ добило четворица кандидати од Битола оти лошо стоеле во градот. На прашањето зошто СДСМ Битола во изминатиот парламентарен состав немаше ниту еден пратеник од Битола, Крајовски смета дека со тоа Битола ништо не изгубила, ама само добила.
„Четворица кандидати на листата за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ Битола, кажува дека слабо стојат во градот. Значи несработиле со локалната власт. Ние одиме само со двајца, ама докажани. Во досегашниот состав на парламентот, СДСМ Битола, немаше пратеник, точно така, ама ништо не изгуби градот. Тоа не беше тенденциозно кон Битола, напротив сметавме дека пратеник, кој и да е, не може ништо да направи ако се нема волја од централната власт. А Владата на СДСМ покажа дека многу му е значаен нашиот град и многу вложи во Битола. Тука е топлификацијата за градот, реновирањето на хотелот ‘Молика’, а Битола доби и најмногу дотации од владата во 2023 година, иако е Коњановски градоначалник“, смета Крајовски и е уверен дека иако Методија Илиевски е на седмо место на листата ќе стане пратеник.
На листата на Левица од четворица кандидати двајца се актуелни советници во битолскиот Совет, Горан Велевски (на второ место) и Гаврил Трајковски (на четврто место на листата).
„На листата сме четворица битолчани, но според нашите анализи во Петката влегуваме тројца пратеници, што значи јас сум на добитно место. Левица ќе оди напред и целиме кон двоцифрен број на пратеници на ниво на држава. Јас бев кандидат за пратеник и во 2020 година, но со искуството во Советот и нашите настапи покажавме дека сме подготвени за во парламентот“, вели Велевски.
Најголем број кандидати за пратеници од Битола има на листата на ЗНАМ на чие чело е поранешната пратеничка од СДСМ, Весна Бендевска. Зад Бендевска на листата се уште пет кандидати од Битола, а за изненадување на јавноста претендент е и професорот на Техничкиот факултет од Битола, д-р Дејан Трајковски, кој за време на корона кризата правеше статистички анализи и се наметна во македонската јавноста. Покрај нив се и Крсте Граматковски, Јагода Талевска, Александар Ортаковски, Љупчо Маркоски, а на листата е и познатиот Божидар Божиновски, писател и сценарист, ресенчанец кој живее во Битола.
„Очекуваме поддршка од граѓаните кои во ЗНАМ препознаваат нова, свежа енергија на политичката сцена. Нов пристап во политиката, со препознатливи и докажани кадри во своите редови. Спојот од искуство и свеж потенцијал очекуваме да биде препознаен и поддржан од гласачите“, рече Бендевска во разговор за „nezavisen.mk“.