2win800x200

За неверниците (пишува Валентин Груевски)

Мај 28, 2020

 

Постои една категорија на луѓе кои постојано, буквално кажано, секогаш ама баш секогаш, не веруваат во ништо, не веруваат во никој и упорно понижуваат се што ќе видат и ќе прочитаат. Започнуваат кавга секогаш и во секое време, и никогаш не признаваат дека погрешиле. Кога една нивна теорија ќе падне, тие измислуваат нова, заборавајќи што зборувале и за што се залагале. Едноставно, уживаат во постојаните кавги.

Си имаат своја теорија за се’ и сешто, не веруваат ни на сопствените очи, ни на она што ќе го слушнат, ама само со една прочитана реченица, било каде, мислат дека знаат сè. Не веруваат во короната, тоа за нив е обичен грип, ама силно веруваат во светски заговор за нејзиното постоење. На битолско ниво, не веруваа во Офицерски, во битолскиот спорт, во полигони, во обиколници. Ама кога се случуваат работите, забораваат што зборувале.

БИТОЛСКИТЕ НЕВЕРНИЦИ

Најпрво зборуваа за безидејноста и за големите нули во реализацијата. Зборуваа за нулата кај Офицерскиот, за нулата кај Стадионот, за нулата кај Обиколницата, за полигонот, за непреземањето ништо кај училиштата, за нивните големи долгови, за лошото осветлување, за лошите паркови, за битолскиот спорт и за многу други работи.

Денес ако ги слушате и ги читате внимателно, овие теми некако не се на дневен ред. Малку се разбудија за Офицерски, препорачувајќи дека можеби е добро, истиот да се даде на приватни субјекти, притоа заборавајќи дека таа тема со продажбата заврши пред две и пол години. Ги заборавија старите, се трудат да измислат нови, ама се потешко им оди и ќе им оди.

Образованието го заборавија и повеќе не го спомнуваат. Одамна не сум видел коментар, напис, изјава на тема битолско образование. Ги нема циничните изјави од типот кога ќе се решат долговите, или кога ќе се поправи нешто во тоа и тоа училиште, кога ќе се одблокираат сметките, кога нормално ќе се профункционира. Овие прашања останаа во минатото.

СЕГАШНОСТА  

А и иднината, на неверниците, не им е толку розова. Теми се помалку и се потенки. Денес се трудат да дефокусираат и да бидат колку толку креативни. Обвинувањата поретки, идеите побајати. За некако можеби ќе звучи прегрубо „неверници“, ама не знам кој друг збор да го употребам за оние кои не веруваат дека Битола има нов детски парк, дека се појавува една  нова цветна, поинаква, Битола, дека никнува базен, дека Касарната е асфалтирана, дека школските дворови се поправаат еден по еден, дека се заменува греењето во училиштата, дека Битола е многу посветла, дека Пелистер добива пречистителна станица.

Не тврдам дека се е идеално и беспрекорно.  Далеку од тоа дека сè е средено и се во ред, треба уште многу работа, многу креативност и фантазија, ама посветеноста и работата даваат резултати. Неверниците, моментално, не веруваат во она што го гледаат, а и допрва следуваат изненадувањата во многу области.

   

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани