АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Општина Битола во моментот тече најголемата акција забележана во последните години, со која ќе се заменат две илјади и петстотини печки на тврдo гориво со високо енергетски клима инвертери, а ефектот кој треба да се постигни е почист воздух и поздрава животна средина за сите. Вкупната сума која се доделува е два и пол милиони евра обезбедени од добивката на ЕСМ, а доделени со одлука на Владата.
Целокупното спроведување на постапката беше оставено на Општина Битола, а подготовките, морам да признам беа исклучително сериозни и темелни. Донесени беа соодветни правилници, беа разгледани сите можности за пријавување, изготвена платформа за електронски апликации, а најважната работа беше тоа што, се изнајде начин и граѓаните кои немаат финансиски средства за да купат клима, да добијат можност да аплицираат и да добијат.
,,БЕСПЛАТНО“
Бесплатното аплицирање го направи овој повик многу поуспешен отколку повиците во Скопје, Тетово и Кичево. Таму беше овозможено учество само со купена клима во кеш, и затоа, иако многу порано ги објавија повиците, се уште не можат да го исполнат предвидениот број. Во Битола, бројката на апликанти полека се исполнува и сигурен сум дека до крајот на конкурсот ќе се исполни предвиденото.
Огромен број од граѓаните многу добро ја прифатија субвенцијата, покажаа огромен интерес, со што го потврдија правилниот потег за субвенционирање на инвертери. Останува нејасно однесувањето на неколку групи и поединци кои упорно во изминатите години зборуваа за почист воздух, за почиста животна средина, некои од нив поседуваат и свои портали и социјални страници, ама не проговорија ни збор за акцијата. А и политика, сосема легитимно се тераше и се тера на оваа тема.
ПОРАЗОТ
Поразот кој го доживеа со оваа акција беше многу силен. Не успеаја да ја победат гордоста и да ја поздрават акцијата. Не собраа храброст да напишат некој пост или свое мислење за да ја популаризираат акцијата, да ги охрабрат граѓаните, и да ги убедат во предностите и во резултатите на акцијата која тежи 2,5 милиони евра. На нивните страници не осамна ништо поврзано со повикот. Се разбира, тука не ја сметам нивната радост, кога страницата неколку часа беше исклучена, и нивните сензационални објави, дека се е наместено, дека нема да биде ништо и сличните ликувања. За среќа на сите нас, а на нивна жалост, радоста кратко им траеше.
Не знам дали се работи за завист, злоба или обично заборавање, ама не можам да разберам зошто ако главната ваша заложба е чиста животна средина, не соберете храброст и кажете некој добар збор, а сега имаше и има многу добри работи. Многу почовечки е да ги пофалите добрите работи, отколку да навивате нешто да се расипи, да не успее, да го нема, само за да утре имате што да зборувате и да пишувате.
Сепак мислам дека е ЗАВИСТ или ЗЛОБА, со големи букви.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)