АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
После 30 години желба и напори да се пласираме на Европско првенство, Македонската фудбалска репрезентација се пласираше на еден ваков голем континентален собир, притоа исполнувајќи го сонот на илјадници фудбалски вљубеници, да навиваат за репрезентацијата на голем настан кој ќе се одржува на ниво на цела Европа, пред илјадници фанови и пред милиони гледачи пред тв екраните.
Најважната споредна работа на светот, уште еднаш ја прикажа својата огромна моќ, ја покажа својата привлечност и магијата со која заразува илјадници луѓе низ целиот свет а меѓу нив и Македонците, кои покажаа дека го сакаат фудбалот, ја сакаат репрезентацијата, и еден гол, можи да донеси многу радост и среќа и да заборавиме на илјадниците проблеми кои ги имаме, за момент да ја тргниме пандемијата од нашите мисли и на сите соседи да им покажеме дека сме посилни, во овој момент од нив, на ова поле.
СИТЕ ЗАЕДНО
Дечките ни покажаа како се сака и како се бори за Македонија. Ни покажаа дека ако се сака се можи, дека другарството, вербата, желбата да се успее можат да бидат поголеми од парите, од моќта, од караниците, од зависта. Покажаа дека оваа земја може да ја биде само ако сите кои живееме овде, дишеме како еден и го сакаме успехот. Поделбите не водат никаде, а заедништвото директно на Европско.
Горан, Иван, Столе, Дарко, Егзон, Енис, Џевдет, Елиф не го постигнаа успехот за своите националности, вери, градови од каде доаѓаат. Го постигнаа успехот за државата во која се родени, за државата од која потекнуваат нивните родители, каде ги научиле првите фудбалски чекори. Иако голем дел од нив, долги години играат во странство, таму заработуваат и можеби никогаш нема да живеат овде, ни покажаа како се сака и како се бори за Македонија. Нивните изрази на лицата после натпреварот, моментот кога беше постигнат голот или пропуштените шанси доволноо говорат за мотивот и желбата да се успее.
МРЧАТОРИ
Секаде и секогаш можат и ќе се најдат. Од некој кој го оспорува успехот, до некој на кој му смета селекторот, па и до некој кој го оспорува коментаторот и начинот на кој тој го завршил преносот. Оној кој присуствувал на каков било натпревар, на која било репрезентација, во кој било спорт може да разбере што значи гол во противничката мрежа, што значи победа на европско, одбранет пенал, гол или кош во последна секунда за репрезентацијата. За тој адреналин нема зборови и нема како да се опише. Тоа треба да се почувствува и да се доживее.
Сигурен сум дека догодина во јуни, се разбира ако ова чудото помине, Букурешт ќе биди преплавен со црвено-жолтата боја. Ќе има место за сите, а ќе бидеме многу кои ќе го видиме првиот настап, првиот гол и првиот бод на Европското. И сите треба да разберат дека не се битни текстовите на песните кои се пејат, кој од каде доаѓа ( ќе не има од секаде), кој каде и што работи, битна е љубовта кон земјата од која доаѓате. А тоа ќе се чувствува и во Букурешт и покрај телевизорот. На крај, да завршам со една мисла која ја прочитав на официјалните страни на ФФМ.
Мала земја, големи соништа.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)