АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НИ ТРЕБА ЛИ ОВА, НИ ТРЕБА ЛИ ОНА
Пошироката јавност многу често коментира и разговара за одредени објекти кои се градат, дали тоа било во градот или државата и една од најчестите дилеми или трилеми е дали тоа што се гради било потребно или непотребно, дали требало да се потрошат толку пари, дали требало тие пари да се пренаменат во нешто многу „попотребно“ или дали баш толку сега и во овој момент требало да се потроши.
Во Битола неколку објекти кои се градат во моментот и кои се во завршна фаза ги предизвикуваат овие полемики и ги разгоруваат муабетите на малските дружби, на седенките, на другарувањата. Зошто на Битола му требаше толку голем стадион, зошто на Битола му требаше куглана, зошто се реновираше Офицерски, зошто парите не се искористија за нешто друго и слични размислувања, кои само ги разгоруваат разговорите. Едноставно е, на Битола и треба се, мораме да добиеме многу повеќе од она што го имаме ако сакаме да се развиваме како град.
СТАДИОН
Стадионот ни треба, затоа што светот, а и нашето непосредно соседство оди напред, а ние многу заостануваме, веќе премногу. Стадион ни треба и затоа што сите ја видовме магијата која ја предизвикува играта, сите ги видовме емоциите кои ги предизвикува и страста со која сите ја пратевме нашата репрезентација. Стадион ни треба и заради можноста и желбата да бидеме домаќини на репрезентативен натпревар, бидејќи услови за многу брзо време ќе имаме. Стадион ни треба и заради илјадниците деца кои секојдневно тренираат фудбал, кои сакаат еден ден да станат нов Пандев, Столе, Енис и другарите.
Ниедни пари на светот не се многу ако во Битола ја почувствуваме радоста на победата над некоја селекција, ако Пелистер го имаме во Европа, ако генерации деца ја избегнат улицата, алкохолот и дрогата, и останат на тој стадион. Нема цена, нема пари кои тоа можат да го пресметаат и да го израчунаат. Парите се многу, ако ги гледате поединечно, ама ако тоа е инвестиција за следните 25-30 години, тогаш парите се минимални.
ОФИЦЕРСКИ
Офицерски е уште една инвестиција која повлече „многу“ пари и дека нема да го биди ако во него нема кафана и ако не биди како што било порано. Со цела почит кон минатото, ама новото време бара нови предизвици, бара нови содржини, нови визии и нови лица кои тоа би го воделе. Не верувам дека во Битола, во овој момент една таква институција може да се самофинансира, тука ќе мора и општината да помага, ама новите вредности мора да бидат приоритет.
И за кугланата во еден момент некој се обиде да развие полемика зошто се прави сега, пандемија е, парите треба да се чуваат или да се трошат поинаку. Пандемијата сега заврши ама кугланата остана и некни се одигра македонскиот куп. Според некои што ја познаваат проблематиката ја имаме една од десетте најдобри куглани во Европа. Куглањето можеби не е толку популарен спорт, ама вредеше да се направи, затоа што и таму децата ќе се тргнат од улицата, а тоа пак ќе речам нема цена.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија