АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
МЕСТА ЗА ЗАБАВА - СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ
Секое општество, секое уредување, секоја држава и секое семејство е во вечна борба за намалување на сите видови пороци, како алкохолот, дрогата, цигарите, секаков вид на криминал и водење на здрав живот, спорт, правилно воспитување и образование, борба која најчесто се однесува на држење на младите што е можно подалеку од изворите на овие пороци. Постојат неколку начини како се води таа борба, еден од нив е полицискиот, односно казнувањето после грешка, а вториот, според мене многу поефикасен е превентивниот и тоа невидливиот.
Кога велам, невидлив мислам на скриена борба, со „многу“ инвестиции во спортскиот дел, во спортската инфраструктура, во подобрување на условите за престој и забава на спортскиот терен, отколку во разни објекти за забава кои веќе ги имаме на секој чекор, на секој агол и во секоја улица. Небитно е тоа дали е флиперница, билјард, кладилница или слично нешто, ама децата се таму и таму врват голем дел од денот.
СЕ ПОЧЕСТО И СЕ ПОДОЛГО
Се разговара дека спортските терени ни остануваат празни, дека нема деца кои се заинтересирани за спорт, дека наместо на спортските терени, децата ни остануваат во кафулињата, казината, кладилниците. Џабе ни се сите закони со кои кладилниците ќе бидат 200, 500 или 1000 метри одалечени од училиштата, средни или основни сеедно, кога таму условите за престој и забава се многу подобри отколку на спортските терени, сликата ќе биди иста. Детето нема мака да изоди и 2000 метри ако знае дека таму му се другарите, таму е топло и осветлено и таму ќе се забавува.
Конкуренцијата на овој начин на живот треба да бидат салите, стадионите, тениските терени, кугланите, базените. Вистината е дека Битола, во последниот период, забрзано ги подобрува условите, ама не може да го прати трендот и брзината во приватниот сектор, ама сила може и мора да се најде. Се додека момчиња од 14,15,16 години треба да се преслекуваат надвор на минус 5 или минус 10 степени, се додека салите ни се камен ладни, се додека девојчињата мораат да одат дома по тренинг без можност да се истушураат, кафулињата ќе ни бидат се пополни, а терените се попразни.
Ако за да стигнете на терен треба да изодите стотина метри во темна, неосветлена и ненаправена улица, а на другата страна имате гламур, сјај и нова патека, тогаш изборот однапред ќе биди познат, што ќе биде одбрано. Ако девојката или момчето треба да Ве причекаат на минусни температури или во добро климатизирана просторија и тогаш изборот пак ќе биди познат. Ако изборот е валкана или никаква столица или убава фотелја, тогаш пак изборот, за жал е познат.
ОПШТИНСКАТА
Општинската ама и државната битка нема да се добие веднаш, ама дека треба да продолжи да се води, тоа мора. Треба да биде синхронизирана, без калкулации и отворена. Таа војна мора да се добие, пред се поради нашата иднина. И тука нема компромис, затоа што тоа е битка за децата, за здравјето, за намалување на трошоците, за подобра иднина. И ако тоа се причините тогаш во оваа битка нема застанување и нема пардон и истата мора да се добие.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија