АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Исповед на еден филантроп
“И најголемите идеали на овој свет не вредат,
ако цената е - детска солза ”.
Фјодор М. Достоевски
Јас верувам во коинциденција, но тоа што денес ми се случи, е нешто поголемо и повозвишено од коинциденција. Ми се случи “синхроницитет на настани”, т.е. паралелен свет, во кој што (несомнено) живееме....
Само што започнав со пишување на текстот за овој број на АПЛА.МК, на “Messenger” добив порака од една пријателка. Во пораката фотографија, а на фотографијата, лулашки за дечиња со инвалидитет. Лулашки...... Ох, Господе ! Кај ме најде мене оваа фотка ? Зошто мене, зошто јас ? Но, за секое – зошто, има – затоа ! Ништо не е случајно. Ништо! ..... Како гром ме удри фотографијата со лулашките за дечина со инвалидитет. Потресно... Ми избега мислата, заборавив што сакав да пишувам. Заборавив зошто воопшто, седнав пред компјутер. Знам само, демек, седнав за да пишувам нешто,.....
Животот наш (најчесто) го “трошиме” на помалку вредни појави, на површни задоволства, на безкорисни разговори, на ниски страсти. Го “трошиме” безцелно и непотребно. Се расправаме со комшиите, им завидуваме на роднините, се караме со колегите, пцуеме на раскрсница, трчаме по материјални задоволства,... кавги и расправии на секој чекор, нигде не не собра, очите си ги извадовме.....
А во мојот град нема лулашки за дечина со инвалидитет. Имаме работа, имаме пари, имаме кафетерии и ресторани, имаме с'е што ќе посакаме. Имаме девојки, сопруги, имаме швалерки, с`е имаме ! Само лулашки за деца со инвалидитет – немаме ! Н'е ни недостига среќа, н'е ни фали радост, знаеме како да живееме и како да уживаме. Насмеани лица со пломбирани заби, испукани петици во хулахопки, во кафеани и ресторани, во казина и обложувалници. С`е имаме ! Само едно немаме – ГРИЖА !
Лулашката не е обична играчка. Лулашката не е само метална конструкција. Лулашката е синоним за грижа. А, онаму каде што грижата ја напуштила куќата, таму веднаш се вселува себичноста. Негрижата, по дефиниција е себичност. Е таа, себичноста (за жал), не ни недостига. Зарем мислите дека тие дечиња не сакаат да “летаат” на своите лулашки, и да ги посетат сите ѕвезди и планети на небесниот свод ? Зарем мислите дека дечињата со инвалидитет, не ги гледаат другите дечиња како си играат на лулашките ? И зарем солзите нивни, не Ве болат, не Ве печат ? А знаете ли зошто во мојот град нема вакви лулашки ? Затоа што сме себични ! Себични сме насекаде и до немајкаде. Себични сме во парковите – не им ја отсапуваме клупата на повозрасните; Себични сме на раскрсница – не користиме жмигавец; Себични сме пред шалтер – не го почитуваме редот; Себични сме и кога спиеме – хр`чиме и не го почитуваме сонот на другиот. Себични сме на секој чекор, во секоја пригода, насекаде, без исклучок. Себични се мизантропите, грижливи се филантропите. Само човек што љуби, филантропот, знае да се грижи за околината, знае да се грижи и за дечињата. А јас верувам дека еден ден, еден убав сончев ден, ќе се разбудиме во некое ново општество, и живеам за тој ден, за денот кога со сите дечиња од мојот град, заедно ќе летаме високо горе, до небото, до ѕвездите и планетите и до сонцето...................и уште.....подалеку......и уште...... најдалеку...на своите ЛУЛАШКИ.
Дипл. Инг. Арх. Зоран Николовски