
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во секое дете, се крие некаков талент, или што би рекле, дар, даден од Бог. Токму таа, ретка способност кај децата, им овозможува да постигнуваат престижни успеси и да напредуваат, односно да се надградуваат во нивната сфера на интерес. Но, таквите деца (ретко кои), остануваат во својата земја да го покажуваат и докажуваат талентот што го поседуваат, обично за нив, е привлечен странскиот пазар. Зошто е така? Едноставно, затоа што воочиле и осетиле било од поблиски роднини, соученици итн. дека некаде на друго место, подалеку, трудот и знаењето се цени и соодветно се плаќа и наградува. Кај нас, тие привилегии не се многу завидни, односно, имаме слаба страна и не ги негуваме како што треба. Тоа дете, не само што дава за себе, личен придонес, туку воопшто, за државата, за образованието, каде што треба најмногу да се негува неговата стручност и соодветно да му се овозможи да чекори напред. Суштината, не се состои во тоа само да препознаеме надарено дете, туку соодветно да му дозволиме и да му овозможиме да биде првенец, не само на генерација, ами светски рекордер.
Образованието, се труди да ги негува талентите, но мала е поддршката за нив, затоа што, од друга страна, државата ја интересираат многу други поважни работи, од негување на детски таленти, а без соодветна државна помош, образованието не може да конкурира самостојно. Тоа е всушност проблем, кој се провлекува години наназад, на кој, не се работи доволно, со цел да се издвојат средства од државниот буџет за поддршка на децата со висок степен на интелигенција, желба за истражување и напредок. Повторувам, проблем, за кој ниту се нашло, а којзнае дали ќе се најде решение кое многу би значело за поддршка на талентираноста.
Секое училиште, соодветно закон за образование, има критериуми, како треба да се оценува напредокот на талентот и соодветно низ докази (награди, признанија, семинари итн.), да прогласи најдобри ученици кои заслужено се истакнуваат. Тоа што е во надлежност на школството, ќе биде сработено и овозможено, но каде е државата да го согледа тоа, обично како да не сме воопшто заинтересирани. Па оттука, нормално, мотивот и волјата да се напредува во својата земја, не постои, односно е минимален. И, не само кај помладата популација со која работиме, ами воопшто, секој што се труди да допринесе за добробит, се става во дилема дали да тргне самостојно, или да очекува дека некој ќе му помогне. Обично, самостојноста (гледаме и слушаме), дека гради талент. Или, што би се рекла една народна: да не зависиш од никого, туку сам да се избориш и да се докажеш во тоа што си. Тоа е тешко и многу, многу ретко денес. Реално, така стојат работите, оти веќе никој, ништо не вреднува, ниту пак, некој се интересира за нешто, а кога тоа се случува, просперитет, нема! Верувам и уверен сум, дека образованието, како клучна алка во градењето на таленти, ете макар и да се индивидуални, стекнати од мали нозе, никогаш нема да се откаже од поддршка на таквите квалитети кои значат и вредат. Секогаш ќе стои на нивна страна и ќе ги поттикнува да одат напред. Оти, првата станица која што воочува и проценува дарба, е училиштето и кадарот во него. Високоталентираните деца, сакаат: соработка, внимание, време, разбирање, односно покажуваат емпатија во секое време кога се работи со нив. Едноставно, така се научени и воспитани, или би рекол: неуморни борци. И не само што одат на натпревари, тоа не е доволно за нив, ами, просперитетот го гледаат во откритијата (да научат, да знаат, да мислат со своја глава), односно, во интересите што ги поседуваат.
За мене лично, таквите таленти си носат свој лауреат во животот и ако го чуваат и покажуваат ќе стигнат многу далеку. Сепак, некој препознава вистински вредности. На сите, кои навистина знаат и умеат да го заштитуваат својот талент, им посакувам многу среќа и успеси и никогаш, ама никогаш да не се демотивираат, оти секогаш, постои алтернатива, која што отвора хоризонти. Кога кажувам дека образованието, треба да негува вистински талент, мислам дека треба многу повеќе да инсистира тој квалитет да се истакне и да му се излезе соодветно во пресрет, на дел од потребите и барањата кои секогаш ги имало и ќе ги има. Секако, тоа без државна поддршка, е невозожно. Впрочем, тоа е само еден начин, како да се потмогне вистинскиот талент, а постојат многу други дилеми, прашања и одговори...
На почеток сме, на второто наставно полугодие, или би рекол период кога талентите ќе дојдат најмногу до израз, затоа што сега сме во пресрет кога ќе започнуваат натпреварите на учениците, каде што ќе треба солидно да се истакнат и нивните ментори и самите ученици. Успеси ќе има, само ако посветено и безпоштедно се работи. Кога се сака, нема што не се може, затоа, првиот чекор е успешен, додека вториот чекор, нека биде, повеќе од успешен. Среќно и обично кажуваме, со лесно, на сите ученици и колеги!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик.
Во воспитно-образовната дејност, веќе присутен е подмладок, кој работи со деца, односно поучува и описменува генерации. Едни кадри се пензионираат, други ги заменуваат, нели, како што наложува старосната граница за пензионирање. Но, сведоци сме на ситуации од недостиг на наставен кадар, така што, истите тие кадри, се заменуваат или од „несоодветен наставник“, со известување до просветниот инспекторат, или пак, замената доаѓа од друг град итн. Реалноста е таква, каква што е, за жал, имаме се повеќе млади, кои се насочуваат кон стручното образование или, кон сосема друга дејност, или пак, заминуваат во странство. Помладите наставници (почетници), на самиот почеток од професионалната кариера се приправници, односно една учебна година се консултираат и соработуваат со нивен ментор, кој според програма за работа со приправник, дава насоки, совети, сугестии за подобро одвивање на наставниот процес и секако, му помага на приправникот, со укажувања, да биде подобар и каде треба да се поправи. Соработката помеѓу менторот и приправникот, треба да биде на високо професионално ниво. Само така, најдобро се учи и без проблем, се полага приправничкиот испит. Но, дали е доволно почетникот, само да изведува настава и толку? Секако, дека не е доволно. Кај самиот приправник, треба да постои волја и ентузијазам за работа со ученици, а тоа најдобро ќе се согледа од самиот пристап кон училиштната средина. Не е така лесно, да се биде наставник и да се работи со тој убав, млад свет. Секоја генерација е различна, со посебни барања, потреби и очекувања... Како што се менува времето, така се менуваат и генерациите што доаѓаат со него. Наше е, да ги прифаќаме промените и да се трудиме да се приспособуваме на нив.
Да се учи од поискусниот, треба да претставува: чест и задоволство
Да се разбереме: сезнајковци, ниту постоеле, ниту ќе постојат! Учиме, целиот живот. Учиме, се интересираме, сознаваме, прашуваме, од причина што треба да бидеме цивилизирани луѓе. Значи, помладите наставници, кои се вклучени, конкретно, во наставниот процес, треба да соработуваат со своите повозрасни колеги, па и со сите, како со стручната служба, така и со останатите, вклучени во образовната средина. Никогаш не е доцна од знаење плус, нормално, во рамки на професионалната кариера. Може многу да се научи од наставник, кој работи, на пример 30 години во настава, затоа што неговото искуство дава пример, како треба да се настапува како вршител на дејност во училница, во училиштна средина, па и пошироко. Нема срамење и мака, кога треба да се научи и совлада нешто трајно. Тоа е должност и обврска, на сите нас, просветари. Исто така, во професионалното досие на еден наставник (поготово, приправник), многу е важна консултацијата со училиштен педагог, психолог итн. Професионалното досие на наставникот е поврзано со професионалното досие на ученикот, затоа што, тоа е лик и дело на работењето и на сиот вложен труд на наставникот и на ученикот, или подобро кажано, доказ за оформување на оценка (постигнувања на наставникот и постигнувања на ученикот). Наставникот-почетник, мора да се консултира, пред секој чекор што ќе го направи во работењето со учениците и во водењето на педагошката евиденција, како и пред изведувањето на сумативна оценка за учениците. Многу е важен тој период на соработка и консултација, поговото сега, пред крајот на првото полугодие. Така се стекнува искуство. Но, таа свест и одговорност, останува на самиот приправник. Не можете со сила, ништо да правите и никого да натерате да сработи нешто. Се очекува и правилно е, од помладите наставници, приправници: соработка, консултација, договор, интерес, доследност, разбирање и одговорност. Ако се почитуваат овие клучни начела, секако дека резултати и успеси ќе има. Повторувам, никој не е сезнаен, учиме целиот живот!
Позитивниот пристап кон наставата, значи напредок
Како наставници, мора да имаме позитивен пристап кон наставата и кон обврските што ги имаме во неа. Настрана од сите негативни помисли, ставови, коментари... значи, крај со тие неетички однесувања. Имаме обврска, да останеме позитивни и да шириме пријатна атмосфера за работа, оти од нас, тргнуваат сите впечатоци... т.е како ние ќе се поставиме, така ќе се изгради мислењето за нас. И тука, мислам дека сум јасен. Секој наставник, е менаџер на часот и треба да го дава најдоброто од себе, за тие што ги поучува – за учениците. На тој начин, се споделува животна вештина. Само така, ќе пренесуваме убаво искуство, на нашите помлади колеги, кои имаат чест да работат во образование и да поучуваат. И што е најважно, потребно е, да се почитуваме едни со други, да покажуваме емпатија и професионален однос спрема сите, без разлика каде сме и со кого сме. Така, се негува и надградува личниот авторитет и принцип на работа. За да има образовен напредок, клучен е личниот капацитет и колегијалната соработка. Таа лекција, еднаш се учи, а секогаш се применува!
За крај, на сите мои колеги и на сите мои ученици, им посакувам: Среќни новогодишни празници, со желби за многу здравје, радост, среќа, успеси. Со нови погледи и желби, во новата 2024 год.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
