Како што информира СДСМ - Претседателот Венко Филипче вчреа бил во Битола на маалска средба со битолчани.
Власта води целосно погрешни економски политики со кои ја водат државата во погрешен правец, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вчерашната маалска средба со граѓаните во Битола. Филипче предупреди дека државата се наоѓа на ивица на сериозна економска и политичка криза.
-Актуелната политичка состојба сите ја гледате, станува збор за едно безобразно владеење на ВМРО-ДПМНЕ, за кое што сметаат дека не треба никому да даваат отчет, сметаат дека сè им е дозволено затоа што добиле огромна поддршка на минатите избори и влегуваат од грешка во грешка, и сè повеќе ја заглавуваат државата, рече Филипче на средбата.
-Се водат целосно погрешни економски политики, сакаат да прикажат со еден лажен партиски ПР розова слика, меѓутоа не им оди, затоа што луѓето знаат како се живее – и со платите и со цените во маркетите – одбивајќи ги сите наши добри предлози и за храната и за струјата, нешто што ќе им олесни на граѓаните. Но, не – сметаат дека се премногу силни и продолжуваат без да слушаат никого. На крајот на краиштата ќе им се удри од глава и на граѓаните ќе им стане јасно, иако мислам дека и сега им е јасно што и како се случува“, рече Филипче.
Во обраќањето пред жителите на Битола, Филипче посебно внимание посвети на планираниот заем на Владата од Велика Британија, кој го нарече „преседан“.
-Овој заем што го земаа од Велика Британија е навистина преседан. Ние мислевме преседан е унгарскиот кредит, но не – можело и повеќе. Да земеш влада со влада, без контрола, пари со непознати камати, со непознати рокови – тоа е криминал. Тоа е како да одам јас со вашата лична карта во банка да земам кредит, да не ви кажам ништо, од утре вие да плаќате камати, пари, рокови – не знаете, ништо не сум ви кажал. Тоа е основа за кривично дело. Ама во нашава ситуација со Владата тоа е бизнис, очигледно, рече Филипче.