
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолчанецот Стефан Тековски е носител на листата за советници на новоформираната граѓанска иницијатива „ГРИН“ која ќе учествува на претстојните локални извори во Битола.
Граѓанската листа е составена од независни, стручни и непартиски кандидати. Граѓани кои не сакаат политички да се етикетираат, но сакаат да бидат општествено активни и да се вклучат во решавањето на наталожените проблеми во градот, велат од „ГРИН“ и додаваат дека имаат кандидати за советници од граѓанскиот сектор, од приватниот сектор, претприемачи, доктори, земјоделци, но и пензионери и студенти.
Стефан Тековски е познат лик во град, ветеринарен доктор, деловен млад човек и хуманист.
Новоформираната граѓанска иницијатива „ГРИН“ е нешто ново за Битола, граѓанска опција, замислена да делува како граѓанска платформа на сите поединци кои не сакаат да членуваат во политички партии.
Носителот на советничката листа Стефан Тековски во разговор за „Апла“ вели дека верува во искрениот и чесен пристап кон работите.
„Мојот претприемнички дух ќе го искористам, заедно со целиот тим од кандидатската листа во насока на подобрување на условите за живот во нашата Битола“, изјави Тековски.
Младиот Стефан за учеството на локалните избори вели:
„Свесен сум дека ќе не напаѓаат од сите страни, дека ќе не поврзуваат со поединци и политички партии, дека ќе водат валкана кампања против нас, бидејќи им влегуваме во простор во кој мислат дека имаат монопол и дека им припаѓа само нив. Но, ние сите сме реализирани личности, со авторитет и достоинство и така ќе се однесуваме и во идниот состав на Советот. Единствен мотив и водилка ќе ни биде да направиме нешто добро за нашиот град, да започнеме да ги менуваме работите и перцепцијата за Битола. Имаме желба, знаење и визија и ќе работиме заедно со граѓаните“, изјави Тековски за „Апла“.
Стефан Тековски
Од „ГРИН“ велат дека доколку ја добија довербата од битолчани, ќе бидат единствени во новиот Совет на Општина Битола кои ќе делуваат децентрализирано и ќе работат на изнаоѓање на решенија на локалните проблеми и предизвици. Ќе делуваат согласно универзалното мото на граѓанскиот активизам - „Делувај локално, размислувај глобално“.
Во Битола, град каде граѓанскиот активизам е силно застапен, на листата за советници на „ГРИН“ на второ место е и граѓанската активистка Светлана Папачек.
„Се обединивме бидејќи го сакаме нашиот град, овде сакаме да растат нашите деца и внуци. Дел од нас веруваа во другите граѓански и партиски понуди. Не сме задоволни од нивниот учинок и затоа одлучивме да делуваме самостојно. Не сметаме дека е грев што сме верувале во ветувањата, но сега е време да го преземеме лидерството во граѓанскиот сектор и сите заедно да делуваме со своите иницијативи и предлози и да бидеме промотор на промените во градот, но и на делувањето и размислувањето на локалните политичари“, изјави Папачек за „Апла“ и додава дека нејзиното искуство со работата во невладиниот сектор ќе им биде од голема помош при детектирање и решавање на најгорливите проблеми на битолчани.
„Сите што ме знаат, знаат дека секоја работа што сум ја работела, била извршена чесно и професионално. Така ќе биде и моето делување во Советот на Општина Битола“, вели Папачек.
Светлана Папачек
Трет на листата за советници на „ГРИН“ е битолскиот стопанственик Александар Талевски – Крт.
„На овие избори во Битола ќе ја побараме довербата од битолчани и убедени сме дека ќе успееме да имаме свои претставници во локалниот совет преку кои градот ќе ја почуствува позитивната разлика во нашето делување кое ќе биде исполнето со љубов за нашиот град, за нашата Битола“, изјави кандидатот за советник Александар Талевски-Крт.
Александар Талевски -Крт
Текст Анета Блажевска