Димитар Кузмановски, носител на листа на Коалицијата Искуство за Успех, предводена од ЛДП изјави дека Либерално демократската партија од Битола е против изградбата на депонија во Мегленци од типот и обемот што го предлагаат надлежните институции на државата и градот Битола.
"Сметаме дека е недозволиво во Пелагонија – најголемата житница на Македонија – да се складира и одлага толку голема количина на отпад, и тоа од дури 18 општини.
Битолскиот регион и онака е прекумерно загаден од работењето на РЕК Битола, па дополнителна еколошка катастрофа, каква што би предизвикала ваква депонија, е неприфатлива.
Немаме доверба дека институциите се способни да реализираат ваков проект на безбеден и современ начин. Доказ за тоа се честите пожари и нефункционалноста на депониите во другите делови на државата, особено во Скопје.
Бараме широка јавна дебата со сите засегнати страни – невладини и еколошки организации, експерти, политички партии и граѓани, како оние што се против, така и оние што се за ваков проект", изјави Кузмановски.
Коалицијата предлага
• Да се изгради регионална депонија само за потребите на Пелагонискиот регион – Битола, Новаци и Могила.
• Депонијата да биде од затворен тип, во согласност со сите меѓународни стандарди.
• Отпадот да се сортира и складира по видови на одделни места.
• Да се овозможи рециклажа на сите материјали кои тоа го дозволуваат (стакло, хартија, пластика и др.).
• Секое домаќинство да добие различни канти за отпад, а примарната селекција да ја вршат самите граѓани.
• Да се користат различни возила за различни типови отпад, со цел да не дојде до мешање.
• Депонијата да се отвори со валидни сертификати за складирање, управување и рециклажа на отпад.
• Процесот на работа да биде строго контролиран и транспарентен, со јавен мониторинг систем 24/7, достапен за сите жители.
"На Битола и на Македонија им се потребни внимателни, промислени и одговорни одлуки кога станува збор за потенцијални загадувачи и „тивки убијци“ на здравјето на граѓаните, веќе доволно погодено од загадениот воздух, почва и вода", вели Кузмановски