Истражување

Истражување (38)

Обвинетиот Пеце Матевски, екс директор на РЕК„Битола“ на вчерашното сведочење во Основниот суд во Битола рече -„не се осеќам ни трошка виновен“ затоа што јавната набавка била спороведена по закон и критериумите на АД ЕСМ за ископ на јаловина во 2022 година со фирмата „РУД КОП“ Битола.

„Јас како директор на Подружница РЕК 'Битола' морам да ги спроведувам наредбите од Управниот и Надзорниот одбор, нигде нема повреда на планот за јавни набавки“, рече Матевски во своја одбрана.

Судскиот процес го води судијата Горан Димовски, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска.

Судењето е околу постапката на РЕК „Битола“ во 2022 година да ја избере фирмата „РУД КОП“ Битола, а да ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина. „РУД КОП“ Битола го доби тендерот за цена од 2595 денари за м3, додека „Гранит“ Скопје имал првична понуда од 2040 денари за м3. По предлог на ОЈО Битола за овој случај на „РУД КОП“ Битола му се замрзнати 3,5 милиони евра, пари кои се префрлени на сметката на „РУД КОП“ по основ на извршените услуги од тендерот, а пресметани од разликата во цените, доколку „Гранит“ Скопје би го добил тендерот за ископаните количини.

Според обвинението, износот на средства од 708.000.000 денари со ДДВ, определен во Одлуката за јавна набавка од јули 2022 година со фирмата „РУД КОП“ не е доволен за ископ на бараните 2.400.000 м3 јаловина. Па, Матевски на 21.9.2023 година склучил и Анекс бр.1 кон Договор од 3.10.2022 година со кој вредноста на јавната набавка е зголемена за дополнителни 20%, односно дополнителни 141.600.000 денари со ДДВ со што е овозможено „РУД КОП“-Битола да изврши ископ и на дополнителни 378.538 м3 јаловина надвор од предметот на спроведената јавна набавка (за што е исплатен паричен износ од  дополнителни 138.231.236 денари).

Матевски запрашан од својот бранител околу јавната набавка со битолската фирма „РУД КОП“, во 2022 година, рече дека набавката била неопходна за да се обезбеди електрична енергија во време на корона кризата кога пазарот бил нестабилен и додаде дека набавката била одобрена и од тогашната влада на СДСМ. 

„Секоја јавна набавка мора да биде впишана во годишниот план за јавни набавки каде што покрај планот за јавни набавки, треба да биде во сооднос со планот за производство на електрична енергија. Најпрво оваа јавна набавка е одобрена од Сектор производство, па одобрена од Управниот и Надзорниот одбор, така за оваа јавна набавка се обезбедени средства за реализација. Текот на оваа јавна набавка е поврзан со планот на производство затоа што на крајот ние како комбинат треба да испорачаме мегавати, односно да призведеме електрична енергија“, рече Матевски на сведочењето.

Во врска со анексот на јавната набавка, Матевски на прашање на бранителот рече дека се било сработено по Законот за јавни набавки. Во конкретниот случај, согласно времените ситуации за извршен ископ и исплатени средства на „РУД КОП“, износот на средства бил потрошен пред склучување на Анексот кон Договорат за јавна набавка.

„Бевме во енергетска криза каде што се бараше енергија плус, еден мегават час стигна до 800 евра, анексот е за обезбедување стабилно производство и повеќе енергија и е во рамките од 20 проценти“, се правдаше Матевски.

Во распитот на обвинителката Оливера Нечаковска поврзано со анексот на договорот, Матевски рече дека Сектор производство го побарал склучувањето на анексот, а кога обвинтелката го праша дали и тој е потпишан на барањето за пренамена на средства и склучување на анексот од септември 2023 година, до Сектор за комерцијални работи, обвинетиот Матевски рече да го видам документот – „да потпишан сум“, рече потоа Матевски. 

Всушност на прашање на ОЈО, Матевски потврди дека бил потпишан на документите од јавната набавка и дека бил запознат и се согласувал со се што имале направено неговите вработени во набавката. Прашањата на обвинителката се фокусираа на причините за склучување на анексот и времето кога обвинетиот дознал за тие причини, Матевски кажа дека при следењето на спроведувањето на јавната набавка било увидено дека треба да се зголеми вредноста на договорот заради обезбедување на стабилно снабдување со електрична енергија

„Секој договор се следи, по реакцијата на директорите на ПЕ Рудници, како што го пратат договорот така ме информираа дека е нужно да се склучи анекс. Тоа значи за да имаме стабилно производство дека треба да се побараат и додатни  20 посто“, рече Матевски и потоа додаде –„немаме количини - имаме вредност“.

 

 

Покрај Матевски обвинети од РЕК ,,Битола" се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски членови на Стручната комисија. Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска- Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.

РЕК „Битола“ во 2022 година ја избира фирмата „РУД КОП“ Битола, а ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина.

Сведочеше обвинетиот Тони Ангелевски член на стручната комисија, вработен во РЕК „Битола“. Запрашан од бранителот дали за работата на техничката комисија постоеле некои правила или правилници, упатаства, обвинетиот кажа дека нема посебни правила, нема упатство или утврден начин на работа, членовите не работеле на состаноци, туку поединечно по неутврден редослед.

Запрашан дали како член на техничката комисија бил запознат дека во тендерската постапка имало жалба од некој од операторите, Ангелевски кажа дека не бил запознат до моментот на покренување на истрагата за овој случај.

На прашањето на ОЈО – „Гранит“ се исфрла иако има доставено документ за извршени услуги за ископ на минимум 4 милиони кубни метри јаловински маси, кумулативно за последните 3 години, сметате дека понудата е неприфатлива затоа што работите на автопатот Кичево-Охрид не се се уште завршени? Дали така стои во стручното мислење? Ангелевски потврди.

Обвинетиот Димитар Петковски, исто така член на стручната комисија, на прашање на бранителот околу исфрлањето на „Гранит“ Скопје од тендерот, рече – „Со самото тоа што во потврдата доставена од економскиот оператор стои дека работите се во тек - не се извршени...со самото тоа го исполнува условот да биде елиминиран од понатамошно учество во постапката“, рече Петковски, дополнувајќи дека на двете потврди од „Синохидро“ се наведува дека земјените работи се уште се во тек по кажување на „Гранит“ Скопје.

Прашан од ОЈО дали ги видел самите потврди кои се доказ за извршен ископ, а беа поднесени од „Гранит“ Скопје, обвинетиот изјави дека ги видел и дека во нив никаде не пишувало дека „работите се во тек“, но бидејќи во листата стоел терминот „работи во тек“, сепак го исфрлиле „Гранит“ Скопје.

„На самите потврди не стои дека ‘работите се во тек’, но во листата каде ‘Гранит’ Скопје ја пополнува самиот и ја потпишува стои почеток 2014 и нема крај“, рече Петковски.

Запрашан од обвинителката дали е можно тие зборови „во тек“ да се однесуваат на фактот што автопатот Кичево-Охрид се уште не е завршен, а не на фактот дека количините наведени во потврдите не се ископани? Приговараше бранителот и судијата одлучи прашањето да не се одговори.

Запрашан од бранителот за анексот на договорот за ископ на јаловина, Димитар Петковски кажа - „При самото следење на договорот се воочи дека предвидените 2.400.000 м3 јаловина, предвидени по проектна документација не стигнуваме да ги отстраниме и да ги ископиме, бидејќи е постигната цена само која е намалена, пристапивме кон зголемување на вредноста со цел да се заврши една целина која што била предвидена при реализацијата на овој дел... Ние како рудници доставуваме барање, а одлуката ја носи Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ“, рече обвинетиот.

На прашање на обвинителката дополни дека -„Не само поради цената, туку и поради тоа што количините се ориентациони и при изготвувањето на месечните извештаи...увидовме дека со истекувањето на средствата од овој договор ќе ни останат нестабилни површини кои во зима може да предизвикаат хаварии...“, рече Петковски.

Кога обвинителката го праша Петковски, дали ова што го кажува претходно, (како образложение за потпишување на анексот) им било познато пред распишувањето на јавната набавка, обвинетиот кажа-

„Не, не може да ни биде познато, бидејќи во текот на ископот не знаеме со што ќе се соочиме“, рече Петковски.

Малку подоцна на ново објаснување и прашање од ОЈО, обвинетиот кажа дека –„истото се работи и на основниот и на анексот, истата работа.“

На прашање на обвинителката дали обвинетиот знае колку кубни метри јаловина се ископани од страна на фирмата „РУД КОП“ врз основа на овој договор, обвинетиот кажа околу 2.700.000 м3 јаловина.

Анета Блажевска

 

Обвинетата Елена Спасеновска, поранешен директор на Средношколскиот дом во Битола, денес во Основниот суд Битола сведочеше по обвинението за злоупотреби на службата па кажа зошто и бил потребен пензионерот (секретар) Менде Петровски да го ангажира во домот и да го носи на службени патувања. Директорката на пензионерот му плаќала претплата за службен телефон две години од парите од Средношколскиот дом, всушност апаратот бил негов приватен, а претплатата на државна сметка. На прашањата на обвинителката Ирена Атанасовска токму околу претплатата на телефонот, адвокатот Олег Ѓоргиев почна да ја брани обвинетата со нервозно довикување па дускусијата ја сведе како да е на улица, а не во судница – „Криминалот голем за претплатата од 500 денари“, повторуваше Ѓоргиев, кој патем беше адвокат на домот во времето на Спасеновска и земаше паушал.  

Обвинителката Атанасовска му возврати да не ги минимизира работите –„Оставете да прашувам, тишина, да не ме прекинувате“, возврати обвинителката.

Кога бранителот Полина Ѓоргиева ја праша обвинетата дали Петровски го користел службениот телефон без основ? – обвинетата сакајќи да одбрани се заплетка -„апсолутно неточно, цело време дури и кога не го користеше беше постојано користен за потребите на Домот.“  

Во Битола продолжи судењето на Елена Спасеновска на која и се суди за неколку кривични дела, процес поттикнат од истражувачката новинарска сторија на Анета Блажевска, новинарката од Битола, која е дописничка на „Независен“ и „АПЛА“. 

Судскиот процес го води судијата Елена Журовска, а обвинението го застапува Ирена Атанасовска. Присутен беше и бранителот на оштетеното правно лице ДУД „Мирка Гинова“ Битола, адвокатот Здравко Камбовски кој претходно пред судот изнесе дека имаат оштетно побарување од обвинетата Спасеновска во износ од 1.430 865 денари (околу 23.000 евра).

судење Елена Спасеновска фото А.Блажевска

судење Елена Спасеновска - фото Анета Блажевска  

 

 

Спасеновска одговараше за службените патувања со пензионерот Менде Петровски, за користењето на службеното возило, за плаќањето на телефонот на пензионерот, за договорите на дело...

Кога обвинителката ја праша Спасеновска дали ангажираниот адвокат Олег Ѓоргиев во домот можел да ја врши работата на Менде Петровски на кого Спасеновска не му одобри годишен одмор – обвинетата рече дека адвокатот тие обврски што ги правел Петровски не можел да ги изработи.

Обвинителката праша, ако Петровски бил толку неопходен за домот тогаш зошто во тој период патувал на службени патувања што може да се види од листинзите на граничните премини и од евиденцијата од Домот?

Спасеновска призна дека на Петровски му бил даден како што рече „титкач“ (чип за идентификување) за да ја отвора вратата на домот од ученик и оттука кажа дека листинзите за кои зборува ОЈО се неточни оти ученикот се враќал во 23 часот навечер, што било несвојствено за вработениот.  

На прашањето на обвинителката зошто не било изработено решение, како документ, Петровски да не може да користи годишен одмор, туку постои ливче своерачно напишано од обвинетата? – Спасеновска кажа дека  -„своерачниот потпис е поважен од печатот“ и дека сакала да го извести УО, не сакала самостојно да носи решение.  

По ваквото оправдување на Спасеновска со Управниот одбор, обвинителката праша: Кој е одговорен за материјалното и финансиското работење на домот, Управниот или директорката?  

„Во статутот на Домот точно стои дека директорот ги извршува одлуките на УО и никаде не стои дека е директорот одговорен. УО има управувачка одлука и е над директорот“, рече Спасеновска.

 

судење Елена Спасеновска фото Анета Блажевска

суд Елена Спасеновска - фото А.Блажевска 

 

Запрашана зошто го носела Петровски на службени патувања во Скопје и му плаќала дневници, Спасеновска кажа дека - „документацијата што ја носевме и земавме беше колку половина соба и ниту еден директор сам не ја носеше или земаше.“

Спасеновска го испратила Менде Петровски на семинар на стручно усовршување во Струга, па се правдеше дека – „Инспекторот Аце од Архивот ми посочи дека е битно да присуствува“, за да се среди архивата, „па кога дојде инспекторката на увид беше вчудоневидена од архивата како беше средена“.

По ова обвинителката праша дали и друго лице пензионер уживало вакви погодности во домот за стручно усовршување како Петровски со исплата на патни трошоци, дневници, исплата на службен телефон?  

Спасеновска се правдаше дека пензионерот можел да го тужи домот – „не се работи за стручно усовршување туку да се биде во тек со промените...се беше по закон, не се работеше за поволности, се исплаќаа дневници од 350 денари, во спротивно можеше да го тужи домот.“

Обвинителката праша како во неоправданите службени трошоци прикажала сметка од модниот бренд „Њујоркер“, за какви службени цели била таа сметка?

Спасеновска рече –„немав таква сметка, не знам како е дојдена таа сметка...имав служба... мене никој не ми посочил дека таа сметка е направена надвор од дозволените граници и толку е минимална вредноста за што не се осмелувам.“  

Во однос на договорите на дело, обвинетата кажа како работела и како ги применувала законите –„По Законот за јавни набавки до 60.000 денари, 12 пати во годината не е потребна постапка за јавни набавки.“

Обвинителката праша што е со договорите што надминуваат 24 месеци дали е прибавена согласност?  Спасеновска кажа – „...го искористив мојот авторитет затоа што многу тешко се добива согласност, немаше донесена одлука за добивање на согласност од страна на МОН и Министерство за финансии.“  

 

Суд Елена Спасеновска фото А.Блажевска

судење Елена Спасеновска - фото Анета Блажевска  

 

 

Обвинетата Спасеновска на прашање на нејзините бранители кажуваше и други работи околу обвинението. Важно кажа дека знае зошто е обвинета, дека на Менде Петровски не му одборила годишен одмор бидејќи во домот се одвивале постапки од како што рече суштинско значење за институцијата како прием на ученици за следната година, постапката за прием на секретар и садомијач, сместување на гости...Се бранеше дека одлуката Петровски да не користи одмор и за тоа да биде платен со пари од домот ја донела по одлуката на Управниот одбор –„не можеше да се замисли институцијата без секретар“, рече таа.

Па така Петровски продолжил да работи во Домот со договор на дело и со одлука на УО - „да целосно извршуваше работи“ рече Спасеновска за пензионерот.

Нејзиниот бранител ја праша – дали со овие дејствија имала намера да му наштети на домот или да стекне имотна корист Петровски?

„Апсолутно не, баш напротив тоа го сторив за непречено функционирање на работите, а не можеше да се стекне со противправна имотна корист од причина што добиваше една плата, а не две“, рече Спасеновска.  

Веднаш по ова, Спасеновска призна дека му плаќала на Петровски за службени патувања и службен телефон ама како што рече со одлука на УО.

“Книговодството дословно ми рече – секое лице кои извршува работи во интерес на институцијата има право на дневница“, се бранеше Спасеновска.

Околу користењето на средствата за репрезентација Спасеновска кажа дека тие средства ги користела за службени потреби па наброја „за кафе, храна, оброк, пијалоци.“

Спасеновска призна дека ангажирањето на сметководствената фирма „Сејф акаунт“ и на адвокатот Олег Ѓоргиев не ги направила со најевтината понуда.

„Ми беше посочено дека адвокат и сметководител не можи да биди најевтин, односно било кој, оти се работи за суптилни ангажмани од кои зависи институцијата целосно. Сметководителот ако не е во добра форма може да му нанеси огромна штета на институцијата како и адвокатот“, рече обвинетата.    

Бранителот ја праша обвинетата дали лажирала налози за службените патувања од мај до декември 2022 година.

„Тоа не се лажни исправи туку тоа се интерни налози кои обично однапред се пополнуваат за неделно, месечно и годишно планирање...може да стане збор за евентуална неусогласеност за планот и реализацијата на активностите“, рече Спасеновска.

Завршните зборови за судењето се за една недела, по што Судот ќе донесе одлука за обвинетата Елена Спасеновска.

Текст и фото Анета Блажевска

Градоначалникот Тони Коњановски за случајот со наставникот Стефан Поповски со став 
 
-Сакам да ја информирам јавноста дека внимателно ги следам случувањата со наставникот од ОУ „Тодор Ангелевски“ кој денеска преку медиуми информираше за неговиот случај со работното ангажирање.
Дадов налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите изнесени од страна на наставникот и доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето.
Сепак, да оставиме работите да се одвиваат согласно процедурите.
Страница 1 од 3

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани