2win800x200

Gypsy Jazz Night – Duo Sinti Elegy Мозаик од ноти што носат историја, но и современо значење

Април 10, 2026

Засебно, маестрални во својата музичка сфера, а заедно, совршени во спојот на нивната уметност.

На 9 април, музичко партнерство од една деценија направи мозаик од џезот, класичната и ромската музика, низ ноти од виолина и гитара.

Концертот, организиран од Француска алијанса во Битола, Амбасада на Франција во Скопје и Француски институт во Скопје, беше поддржан од мрежата на Еurope House. Вечерта беше музичко портретирање на стилските различности во една суштина. Виолинистот Јардани Торес Маиани и гитаристот Анже Хелмштетер, ја водеа публиката низ латино и џез теми, свои композиции и традиционална музика.  

670156877 17985751499970909 5658570828984525270 n

Јардани Торес Маиани со себе го носи фламенко творештвото и создава свои композиторски дела за виолина и вокално-инструментални ансамбли. Тој е еден од водечките музичари од помладата генерација француски виртуози, кој пишува музика и пронаоѓа нови начини да го употреби својот дар. Лирскиот дух на неговите композиции е потпис на  неговиот препознатлив стил и начин од сцената да направи посебно доживување.

662239263 17985751535970909 73672028849315627 n

Анже Хелмштетер својата препознатливост ја поставува со разиграна виртуозност и музикална чувствителност која ги обединува верноста кон изворниот стил и слободата на современата импровизација. Неговото поместување на стилските ограничувања, преку креативна слобода, и надминувањето на пристапот базиран чисто на гитара, ја означуваат личноста на вистински творец.

Концертното музичко патување претставуваше композиција од убава емоција и ритам. Лирските тонови на виолината, кои постепено се вплеткуваа со топлиот звук на гитарата, направија атмосфера од која зрачеше блискоста. Концертот беше влез во светот на нивната музичка визија. Латино ритамот внесе живост, додека џез импровизациите отворија една посебна димензија за секоја нова нота.

Традиционалните теми, го истакнаа чувството на дом и припадност и беа приказ дека секоја современа интерпретација има своја длабока културна основа. Музичката изведба имаше призвук што раскажува приказна – со ноти што носат историја, но и современо значење.

Вечерта беше спој од стилови, култури и сензибилитети, претопени во еден заеднички музички јазик – кој зборува универзално.

656681779 17985751508970909 5759907753525493833 n

655759922 17985751481970909 2788611217679405682 n

662367200 17985751490970909 2754443940729397285 n

670335748 17985751472970909 2728039726080168258 n

670642879 17985751523970909 6964777945660326858 n

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани