2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Како честитка за Осми, бесмртните стихови на Шопов, Андреевски и Конески за жената

Март 07, 2020

Место класична честитка за Осми март, на своите читателки Апла.мк им го честита Денот на жената со бесмртните стихови од доајените на македонската поезија посветени на жената. Ацо Шопов во „Третата молитва на моето тело“ жената ја нарекува со моќно име Победувам, Петре М. Андреевски во антологиската „Кога ја љубев Дениција“ љубењето на жената го споредува со калемење светлина на мракот, а Балаже Конески во „Убавите жени“ жали за бесповратната младост на жените прецутена како мајски јоргован. 

 

ТРЕТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО

Што си: девојка, жена, мајка? Што си
ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи
телото мое, молитвено што клечи.
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи.
Што си: девојка, жена, мајка, што си?

Што си ти застаната со спокој темен
пред ова тело чиј глас со виј го гони
ветрот што лута, под тајни небосклони,
чиј глас е жед и виј на вијот земен.
Што си ти застаната со спокој темен?

Што си: девојка, мајка, жена
ти — скаменета пред влезот на овој храм
со моќно име: ПОБЕДУВАМ,
па ова тело возвишено го крена.
Што си ти: девојка, мајка, жена?

Ацо Шопов

 

ДЕНИЦИЈА

Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот,
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знеав како би умрел,
ако таа не се родеше.

Петре М. Андреевски

УБАВИТЕ ЖЕНИ

Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица 
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени 
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.

Блаже Конески

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани