АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалникот Тони Коњановски или да создаде услови за земјоделците да продаваат во пазарот или да побара од Советот поништување на одлуката со која ги избрка од паркингот. Плус, да ги обештети земјоделците за сите месеци во кои се оставени ни угоре ни удолу, рече Мирјана Захариевска Ралевска, советник во Општина Битола од редовите на СДСМ.
„Стотина семејства – производители на земјоделски производи се оставени на цедило, излажани и изманипулирани, заради неспособноста на градоначалникот Тони Коњановски. Ниту една обврска што ја презеде Јавното претпријатие Пазари не е исполнета, а поминаа четири месеци. Земјоделците се избркани од паркингот, а немаат каде да продаваат оти тезгите уште не се распределени, нема колички за дотур на роба, нема канти за ѓубре, нема црево за миење. Од проектот, пак, за промена на кровот што го вети Коњановски, нема апсолутно ништо. Во новиот пазар има само страшна нехигиена и глутници кучиња скитници“, рече советничката.
Таа обвини дека од ситуацијата штети трпи и Јавното претпријатие Пазари кое сред лето наместо да наплаќа за тезгите, одвај собра пари да подели плата на вработените.
„Ако градоначалникот се плаши да не ја растури коалицијата со Поинаку заради паркингот кај новиот пазар, нека не се плаши од советниците. Трета седница по ред Коњановски го нема во Советот. Нека не се крие зад партиски соопштенија напишани по канцеларии низ општината и нека се појави пред нас советниците и пред пазарџиите за да објасни кога и како ќе заврши оваа голгота. Ако не сака тој, нека го прати секретарот во општината, Борче Димитровски. И онака веќе не се знае кој управува со општината – ДПМНЕ, Коњановски, Димитровски или Поинаку и Илиевска“, рече Захариевска- Ралевска.
Општина Битола, по денешната реакција на пазарџиите со закупени тезги во Новиот реонски пазар, кои побараа промена на одлуката со цел да се вратат на претходната локација на паркинг просторот и таму да ги продаваат производите, ги известува пазарџиите и граѓаните дека во Новиот пазар веќе се преземени сите мерки за подобрување на условите и надминување на пречките за закуп на тезги.
На 26 април Управниот одбор на ЈП Пазари донесе одлука со која што се укинува претходната одлука донесена од 2014 година и се носи одлука идентична со претходната, само се укинува продажбата на производи на паркингот од камион.
На 29 април на седница на Совет истата одлука беше едногласно усвоена од страна на сите советници, со одредени забелешки, кои ЈП Пазари требаше да ги отстрани.
Едно од барањата беше реорганизација на тезгите, која е комплетно завршена, според форма која е најфункционална и за пазарџиите и за купувачите. Нефункционалноста и нехигиената во тоалетите е отстранетa како забелешка, а се направи и соодветно обезбедување на влезови и излези на пазарот за слободен дотур на храна, со што сите забелешки се отстранети, а дополнително се набавени колички за дотур на стока.
Ваквиот потег на ЈП Пазари, следуваше по големиот број на реакции од страна на граѓаните кои што живеат во околината на пазарот, реакциите од страна на дуќанџиите кои што имаат дуќани во пазарот и од страна на закупците во пазарот, пред сѐ на нехигиената која што беше составен дел од продажбата на паркинг просторот, без никакви хигиенско-технички услови за продажба на храна.
ЈП Пазари континуирано работи на подобрување на условите за продавачите, така што се обезбедени 24 слободни уредени тезги, односно продажни места во Новиот реонски пазар и 30 плацеви за продажба од камион/приколка во Градскиот пазар.