ВОЈО МАНЕВСКИ 

Нема Европа со диктат, нема да ни диктираат текст за уставни измени, море ако не сме во неа нема ни Европа и готово!

Ова би било сосема според разбирање на работите и односите во светот на нашите опозиционери. Па ајде да расчистиме ние со таа превртлива госпоѓа.

А, што беше тоа Европа? Сестра на Кадмо? Ресторан во Охрид ли беше, нешто не се сеќавам? Нешто како незавршен проект кому му недостасува круна и на неа последниот скапоцен камен со милениумска историја и значење. Ѝ недостасува сонце и тоа нашето македонско, па сѐ да осветли и загрее, како што доликува. Како тоа не читаат претскажувања дека наидува студено време а тие немаат доволно енергија за загревање на комотните станови? Сонцето е ѕвезда и тоа единствена во нашиот систем, а ние сме деца на сонцето, без нас нема вистинско сонце.

Како мислат да го најдат гробот на Агенор, таткото на Европа без нас, затоа што тој некаде овде пред илјадници години е погребан? Како сонуваат да го комплетираат својот идентитет без основниот камен во темелот на Европската Унија како заедница со демократски критериуми, без нашите историчари и универзитетски професори по право. Невозможна мисија е тоа без диктирање од нашите избраници. А таа така недовршена задница Европа ни поставува диктати и тоа во разни, ама недоволно идентитетски имиња. Те Холандски, те Француски, час Бугарски па сега дури и Американски диктати. Одозгора дури не од цела Америка, туку само од дел од неа и како за инает половина од – Северна Америка. Место да се борат да го тргнат тоа „северна“ тие се гордеат со северџанската географска додавка и со федерална територијална организација. Глупаци! Само, кој ли им го измисли прекарот кој не можеме да го преведеме, дали е чичко или вујко СЕМ? Ете пред такви диктати ние треба да го свиеме милениумскиот врат на Аминта на Филип и не дај боже, на Александар Велики. Мало морген, што би рекол Циле од древната Македонија. Ако сакате да не имате за светла ѕвезда во круната не може да ни поставувате диктати туку со должна почит и церемонија ќе не ставите таму каде што ни е местото. Но пасаран, камаради!

Извор https://civilmedia.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани