АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ЗОШТО Е ВАЖНО НА ДЕТЕТО ДА МУ ЧИТАМЕ НА ГЛАС?
НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола како дел од своите програми, насочени кон заедницата Ве повикува да се придружите на Кампањата – Да читаме на глас организирана по повод Европската година на гласно читање, прогласена од Европската организација за унапредување на читањето EU READ, нагласувајќи ја важноста на гласно читање во развојот на навиките и вештините за читање кај децата.
Методот на гласно читање е клучен за развојот на навиките за читање и подоцнежниот успех во училиштето и воопшто за успехот во стекнувањето знаења и вештини. Затоа драги наши читатели и сите Вие кои ја љубите книгата, следете го нашиот пример и вклучете се во кампањата ДА ЧИТАМЕ НА ГЛАС! Кампањата ќе се реализира во текот на целата година, со учество на градинки, училишта, јавни личности, институции, физички лица итн. Во Битола кампањата започнува утре (03.02.2021 година) со постирање на видеа на социјалните мрежи како родителите и наставниците им читаат на децата.
Зошто треба да им читаме на децата на глас
- Читањето на глас ги става книгите во центарот на вниманието и ги претставува како извори на пријатно, вредно и возбудливо искуство. Децата, кои ја учат вредноста на книгите од рана возраст, најчесто стануваат креативни и независни читатели.
- Читањето на глас им помага на децата да го поврзат она што го гледаат, слушаат и читаат. Читањето на глас на возрасните го проширува вокабуларот на децата и ги проширува нивните општи знаења.
- Читањето на глас им овозможува на родителите, бабите и дедовците, браќата и сестрите, наставниците, роднините и пријателите да бидат пример за децата. На овој начин, нивната љубов кон книгата лесно им се пренесува на децата.
- Читањето на децата на глас открива литература што можеби никогаш нема да ја откриете сами, како што се поезија, раскази, бајки и др.
- Читањето на глас им овозможува на децата да се запознаат со литературен јазик кој е значително различен од секојдневниот говор или јазик што се слуша на телевизија, се чита во весници или се слуша на филмови. На овој начин, децата подобро ги разбираат сложените структури на речениците.
- Читањето на глас им овозможува на децата да фантазираат за луѓе, места, времиња и настани што не ги сретнале или не ги доживеале.
- Читањето на глас создава врска помеѓу детето и возрасниот што му чита, со што им се даваат заеднички теми за разговор. Говорењето и зборувањето помагаат во развојот на личноста.