2win800x200

Кугларскиот арслан од битолскиот Баир се пласира во финалето на Светскиот куп во куглање

Мај 17, 2022

Архан Арслановски, куглар од Битола и ученик во СОУ „Таки Даскало“ обезбеди пласман во финалето на Светскиот куп во куглање во Естонија. Кугларска федерација на Македонија соопшти дека Архан со исклучителна игра успеа да влезе во најдобрите осум машки играчи на Светскиот Куп со резултат 578 (205) пласирајќи се на 7 место.

Но, како започна љубовта на Архан кон куглањето?

Според порталот Факултети.мк, сè започна пред две години кога со другарите од својот клас ја посетија кугларницата во Битола и добија можност бесплатно да куглаат три месеци. Оттогаш кугларницата му е втор дом на 17-годишниот битолчанец Архан Арслановски. Тој е еден од талентите што беа откриени преку проектот „Кугламе и сме среќни“, кога 600 ученици од деветтите одделенија од основните училишта во Битола имаа можност бесплатно да куглаат под менторство на искусни куглари. Меѓу младите што се вљубија во спортот и почнаа да постигнуваат рекорди е и момчето од битолскиот Баир, каде што претежно живее ромско население во лоши економски услови, без финансиски можности да вложува во кариерата, а и нивните успеси досега медиумски не добиваа поголемо внимание.

За добро да се кугла, потребна е максимална концентрација

Арслановски лани беше државен првак на Македонија, поединечно, во категорија до 18 години, трет на државно првенство до 23 години, државен првак во спринт до 23 години и дел од кугларскиот клуб „Пелистер“, кој во државно екипно првенство освои второ место во Македонската кугларска лига 2018/2019 и трето место 2019/2020 година. Неговиот личен рекорд изнесува 528 кегли, резултат кој го постигна на државното првенство што се одржа во битолската кугларница.


- Нема поубаво чувство од она кога ќе се турнат сите кегли со една кугла, а особено кога ќе имаш идеални удари во серија. Тоа чувство ме носи цело време кон кугларницата, но, исто така, многу ми значи и дружењето во клубот, со други куглари од земјата и од странство, како и патувањата што ги овозможува овој спорт. Најтешката работа е како да се зачува концентрацијата во текот на еден час натпреварување, бидејќи секој удар бара максимална концентрација, а има и до 120 удари во еден натпревар. Воопшто не е лесно со кугла од 2,8 килограми во полн трк да се контролира секое движење на телото. Тоа бара голема психичка стабилност – вели Арслановски.

Најдобри услови за куглање има во Битола

Неделно тренира од два до пет пати во зависност од натпреварите што го очекуваат. Кога започна со тренинзи, условите во салата беа многу лоши, а просторот многу студен. Но, со реновирањето на кугларницата лани се добија врвни услови, па вели дека денес е уживање да бидеш куглар во Битола. Во земјава имаме две кугларници во Скопје и по една во Битола и во Струга, што реално е многу малку.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани