На покана на Министерството за животна средина и просторно планирање, членови на советот на општините Битола и Новаци и жители од овие општини, имаа еднодневна студиска посета на санитарната депонија EPADYM S.A., Еордеа, Грција во близина на Птолемаида и Кожани.
Регионалната депонија во близина на Кожани опслужува 4 префектури и 10 општини во овој дел на Грција.
Од отпадот кој се собира 68% се рециклира, а 32% се одлага на изградената депонија.
За потребите на депонијата се изградени и 10 претоварни станици кои го собираат отпадот од општините, а потоа го транспортираат до регионалната депонија во Кожани.
Посетата на депонијата беше реализирана во рамките на проектот: „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведската агенција за развој SIDA, а спроведен од Шведската асоцијација на општини и региони SALAR.
Целта на посетата е да се запознаат граѓаните на Општините Битола и Новаци со функционирањето на еден ефикасен систем за регионално управување со отпад, како и да им се даде можност за разговор на оваа тема со експерти од областа на менаџирањето со отпадот и рециклирањето.