АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денес во 92-та година од животот почина примариус д-р Димитар Котевски. Погребот ќе биде утре (недела - 03.06) во 13:00 на Светонеделските гробишта. Останките ќе бидат изложени од 9:00 во црквата Свети Димитрија.
Примариус д-р Димитар Котевски е роден 26.10.1926 година во Битола. Медицинскиот факултет го завршил во Белград, а специјализацијата во Загреб. Докторската дисертација ја бранел во Загреб на загребското Свеучилиште.
Угледни граѓани, афирмиран научник, познат и признат општвено политички деец. Тој поседува високи идеали, добродетелство и морални квалитети и со тоа се запиша во историјата на својот град.
Примариус д-р Димитар Котевски беше визионер кој со својата долгогодишна и упорна ангажираност ги постави темелите на идното здравство во Битола кое го реформираше.
Со неговата должност како прв директор на Медицински центар, гледаше во иднината и реализацијата на планираното и несебично се вградуваше во остварениот напредок.
Од формирање на Друштвото за наука и уметност, формирање на очното одделение, едукација на лекарскиот кадар, како повеќегодишен директор во изградба и опремување на новата болница, формирање на нови специјалистички одделенија во медицинскиот центар ,,Д-р Трифун Пановски”, како основа за идната клиничка болница.
Тој е прв доктор по медицински науки во Битола. Еден од малкумина научни ентузијасти и како научник еден од најзаслужните кои во 1960 година го формираа ДНУ-МНД (Друштво за наука и уметност – Македонско научно друштво) Битола и негов повеќегодишен претседател. Поради неговиот придонес беше избран за доживотен почесен претседател на Македонското научно друштво.
Несомнено, големи се неговите заслуги за формирањето на Универзитетот,,Св.Климент Охридски” – Битола, посебно неговите заложби да се формира Вишата медицинска школа, а основач, организатор и претседател на матичната комисија за формираење на оваа институција е д-р Котевски. Ваква Установа во тоа време немаше на пошироките балкански простори, од Белград до Битола.
Автор е на голем број научни трудови од областа на здравството (офталмологијата) кои беа презентирани на европски и светски конгреси.
Заради заслуги на полето на офталмологијата и придонес во развојот на офталмолошките здруженија на офталмолозите, го прогласија за почесен член. Исто така и од страна на Сојузот на слепи лица на Република Македонија, за придонес во борбата против слепилото, е прогласен за почесен член.
Неговото дело со крупни букви е запишано во летописот на научно-културната и здравствена историја на Битола.