2win800x200

In Memoriam: Реч по заминувањето на воинот со перо – Ѓорѓи Лазаревски

Октомври 07, 2023

Каква смисла има нашето траење во времето и просторот? Навистина, каква?! Таа „најнормална“ човечка мисла, е мисла која се јавува кај секого, а, најчесто, кога човек е исправен пред туѓи гробови. Но, таа слика на „човекот и гробот“ е слика за јаловата минливост на поединецот во брзиот проток на времето и е една од главните инспирации на творештвото воопшто и непресушен вруток на создавањето убавини со векови. А, убавините се возбуди што се раѓаат од елементарните човечки чувствени потреси, телесни немири и емоционални потенцијали над мрачната и огромна појава која луѓето ја крстиле - живот. За убавината може да се говори на разни начини, како што впрочем и што се прави со милениуми. Многу често, за неа се пишува и кратко, и долго, а притоа не се кажува ништо повеќе од она што самата убавина го вели за себе. Ја фрлале убавината одвреме-навреме како излишна и беспредметна, а денешните неолиберали, позитивисти и утилитаристи следбеници на Чернишевски, кој, како што се знае, тврдеше дека колбасот е поважен од Шекспир, не се разликуваат многу од, на пример, средновековните иконокласти. Убавината била „божја слугинка“, била „царски комедиограф“ во Версај, била и е пропагандистичка реклама на индустрискиот капитал, та оттаму сите оние идеалистички теории за убавината по кои таа постои сама за себе, дека е вечна и слободна, дека како фантом стои над сите нешта, се најневтемелини и најсмешни тврдења кои светот ги слушнал. Денеска, Убавината е во раце на естетски крвници со холивудска свест, кои секојдневно ја измачуваат и горат на клада. Десничарските естетски мистификатори тврдат дека Убавината е „неутрална“ и „возвишена“ и служи само за „наслада“ на општествениот и интелектуалниот „крем“ и дека само така треба да биде конзумирана. Но, стално имало воини со перо кои како некакви прометеи сакале Убавината да ја откријат или создадат и да им ја поделат на сите луѓе. Оти сите се важни и вредни! Токму таков воин со перо за овековечување на убавината и нејзина достапност за сите луѓе беше нашиот Ѓорѓи Лазаревски.

Бидејќи го запознав неговото епистоларно наследство и скоро до последниот негов здив беседевме, од време на време, за разни теми, а најповеќе за убавината и грдотијата, но и за македонизмот и антимакедонизмот, за правдата и неправдата..., тогаш можам со право да запишам, сега и тука, дека добриот човек Ѓорѓи Лазаревски, беше вљубеник во човечката убавина. И правдината, секако. Тој ги набљудуваше луѓето со својот „ренгенски“ поглед, па не само што можеше да ја забележи човечката добрина и надареност, туку и маските кои некои негови собеседници ги навираа врз своите отчовечени лица, а со цел да не се видат нивната злоба и глупавост, нему му беа проѕирни. Ѓорѓи беше, како малкумина во денешниве наши дни, волшебник на пишаниот збор. Тој можеше да се движи низ човечките мисли и желби како низ некаков дворец од стакло. Сите доблести и пороци човечки за него, беа проѕирно јасни. И можеше, како ретко кој, сето тоа да го пренесе на хартија.

Беше Ѓорѓи Лазаревски вистински македонски патриот. Долгогодишен член на Македонското научно друштво во Битола. Вонсериски педагог, писател и научен истражувач. Од оние „стари“ социјалистички професионалци и интелектуалци кои крајно сериозно се образуваа и прецизно ги извршуваа работните обврски. Беше дел од генерацијата на луѓе кои во ѕидањето на зданието викано „македонска држава“ се имаа внесено со сиот свој капацитет и со ретко видена аскетска посветеност. Последниот разговор кој го водевме во дворот од неговата семејна куќа само ден-два пред да почине, беше критичка дискусија за мрзеливоста на денешните „научни работници“ и самопрогласени интелектуалци, кои пишуваат патетична и малкувредна поезија или површни и нестручни прозни книги. По него вредеше да биде почитувано само високо однегуваната наука и аргументираниот збор. Всушност, ги сакаше и почитуваше оние зборови кои ги прочистуваат поимите. А таа негова ленинска асимптота на духот беше морална карактеристика која се издигнуваше над варварството на нашето современие во кое само се војува, лаже, пали и граба. Движејќи се во координатите на сопствениот хуманистичко-социјалистички светоглед и денешново волчко неолиберално секојдневие, тој беше непоправлив носталгичар по „старите добри времиња“ од неговата младост. Некои можеби, со право, би го окаректизирале како „југоносталгичар“. Но токму тој и таков Ѓорѓи Лазаревски седеше со години, со силно концентрирана волја, со ладнокрвност на егзактен научник, над своите текстови и ги анализираше работите според високиот принцип на логиката и знаењето. И, од аспект на македонизмот, секако. Создавањето на неговиот волуменозен авторски опус е импозантен напор. Особено за нашава локална средина, во кои малку се работи, уште помалку се разбира и најмалку се продуцира квалитетни и вредни научни и уметнички производи.

Пред неколку години, пишувајќи осврт за книгата од Ѓорѓи насловена „Шепотот на пелагониските села“, сум запишал дека историографот за „убавиот збор и елегантниот стил нема доволно разбирање, па сопственото педантно организирано редење на фактите и заклучоците на она што е запаметено од минатото, најчесто им го презентира на читателите сувопарно и неинтересно. Секако, обично и се нема избор: редењето на мноштво факти едноставно не остава простор за стилска инвентивност. Меѓутоа, често пати тоа зависи од самиот историограф. Ѓорѓи Лазаревски, кој по професија не е 'чист' историчар, на своите записи за минатото, заедно со својата дијагностичка ингениозност, им го дава и делот на јазично и стилско збогатување, па и најфактографските делови се лесно читливи и интересни.“ Денеска, по објавените дополнителни три романи и неколку научни прилози од Ѓорѓи, уште повеќе сум убеден дека бев сосема во право што сум ги запишал тие зборови за неговата интелектуално-литературна работа.

Инаку, Ѓорѓи Лазаревски е роден 14 април 1939 година во село Бач, Битолско. Основно образование заврши во родното село, Учителска школа и Нижо музичко училиште - Отсек кларинет заврши во 1961 година. Педагошка академија заврши во 1968 година во Битола. Целиот работен век Ѓорѓи Лазаревски го мина во подигање генерации ученици по разни места. Седумнаесет години работеше како учител во Основното училиште „Мирче Ацев“ во родното село Бач, каде од 1963 до 1968 година беше и директор. Дипломираше во 1979 година на Филозофски факултет група – Педагогија при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и една година работеше Основното училиште „Коле Канински“ во Битола. Потоа се вработи како педагог во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола. Во периодот од 1987 до 1995 година, беше наставник за дополнителна настава по македонски јазик и култура во Сојузна Република Германија. Од септември 1995 до октомври 2002 година беше на работното месо педагог во Основното училиште „Стив Наумов“ во Битола, а потоа замина во пензија. Повеќе години беше заменик претседател на Пелагонските културно-научни средби при Општина Новаци, а од месец февруари 2017 година и претседател на Средбите. За својата неуморна научно-истражувачка и педагошка дејност имаше добиено бројни награди и признанија. Тој беше ценет научен истражувач и публицист со објавени бројни монографски трудови за историјата, етнографијата и фолклорот на Битола и битолскиот регион. Професијата педагог ја вршеше крајно совесно и посветено и кај учениците остави впечаток за достоинствен, вреден и трудољубив човек кој умее да воспитува и образува млади генерации. Беше автор е на 12 монографии и повеќе научни прилози. Има објавено повеќе прилози во списанијата „Просветно дело“, „Воспитни крстопати“, „Прилози на МНД"—Битола, „Зборник на Пелагонските научни средби“ и „Зборникот на трудови на националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј—Битола“. Објавуваше и во во весниците Просветен работник, Битолски весник, Нова Македонија, Македонско сонце, и други. Учествуваше и на Петтиот конгрес на педагозите на Југославија во мај 1982 година во Сараево и бројни симпозиуми на Педагошкото Друштво на Македонија, на интернет, на страниците на „Википедија“, објавил прилози за селата: Скочивир, Добровени, Живојно, Бач, Меџитлија, Кравари, Совиќ, Оптичари и други.

Малкумина го познаваа Ѓорѓи Лазаревски како наставник и научник, како писател и оратор на исправни, логични и умни нешта, оти градската малограѓанштина, според сопствениот прост и сензационалистички вкус, повеќе сакаше да слуша и чита за лоши и површни работи. Секој гласен збор за убавината и вистината е закана со пропаст за градската кооперација која се прпелка во калта од озборувања, безосновни омаловажувања, лаги, пцости и гадости! Таа кооперација не сака кога сè е премногу чисто и светло, не сака кога вистината сече како гола сабја. Сите малограѓани секојдневно брмчат и водат хајка против вистиноговорителите и посакуваат нивна лична и професионална катастрофа. Еретиците, кои ја обожуваат правдата и убавината и на таков начин се декларираат како атеисти, во овој сегашен неолиберален, злобен, уморен и болен, свет ги имаат вброено во дружбата на Сатаната и ги третираат како ѓаволско семе. Можеби Ѓорѓи заклучи дека вeќe ги нема убавината и правдата за кои се бореше, та не е убаво и вредно да се живее на Земјата, па реши да замине. Којзнае, можеби и беше во право, како и за многу други работи што ги зборуваше и пишуваше.

И вреди уште еднаш да се напомене: Ѓорѓи Лазаревски е големо име на битолската и македонската историографска и литературна мисла. Неговиот придонес во истражувањето на минатото на Битола и Битолско е голем, па затоа градските главешини, што поскоро треба да направат чекори да се именува улица со неговото име и да му се подигне една спомен биста. Само така може да покажат дека имаат желба да се оддолжат на вистинските „градители“ на Градот. Нека му е вечна слава на наставникот Ѓорѓи Лазаревски!

 

Пишува: проф. д-р Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани