АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 14 август 2008,
Во Битола почина Пецо ГУДОВСКИ припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија..
Роден е во селото Лавци, Битолско, на 3 март 1920 г. Од 1941 г. е член на СКОЈ. Со доаѓањето на бугарскиот окупатор заедно со Тодор Ангелевски-Строгов има големи заслуги за организирање на скоевските групи и формирање на партиска организација во Битолско, како во и подготовката за формирањето на Првиот партизански одред ,,Пелистер“.
На 2 мај 1942 г. е уапсен од бугарската полиција, но по 40 дена испитувања и физичка тортура е пуштен. Во април 1943 г. заминува во партизани, најпрво во одредот ,,Даме Груев“, а потоа во одредот ,,Гоце Делчев“. Со формирање на баталјонот ,,Стив Наумов“ и подоцна на Првата македонско-косовска бригада тој е во нивниот состав, а на 26 февруари 1944 г. е поставен за заменик командант на баталјон во Третата македонска ударна бригада. На 22 август 1944 г. стана заменик командант на Седмата (Битолска) македонска ударна бригада, а подоцна и нејзин командант. Од 17 декември 1944 г. е командант на Втората македонска бригада и учествува во борбите на Сремскиот фронт се до средината на мај 1945 г.
По ослободувањето завршува воена академија во Сараево и до 1956 г. се наоѓа на разни должности во ЈНА. Потоа извршува разни општествени функции: претседстел на Општина Дихово, активен член на разни општествено политичките организации, претседател на Сојуз на резервни воени старешини, Претседател на Титов фонд Битола, претседател на Сојуз на борци Битола и долгогодишен началник на одделението за Народна одбрана Битола.
Носител е на многубројни одликувања и признанија меѓу кои Партизанска споменица 1941 година, Орден заслуги за народ со златна ѕвезда, Орден Братство и единство, Орден за храбтост и други.