2win800x200

На денешен ден пред 10 години почина Гавро Пановски Јуноша, учесник во НОБ и познат општествен работник

Март 28, 2024

НА ДЕНЕШЕН ДЕН - 28 МАРТ

Во 2014 година, во Битола почина Гавро Пановски-Јуноша, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Роден бил во селото Раково, Егејски дел на Македонија, на 6 јуни 1923 г. Како ученик во гимназијата во Битола станал член на југословенската младинска комунистичка организација (СКОЈ) од 1941 г. Учествувал во многу акции на скоевците, а меѓу кои и во акции за растурање на летоци против окупаторската власт. Како ученик во седми клас заминал во партизани и бил борец во првиот борбен строј на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Со овој одред учествувал во акцијата на 2 август во селото Смилево. На 22 октомври 1942 г. учествувал во партизанската акција во селото Сопотско, Ресенско. Во 1942 г. станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Од ноември 1942 г. бил борец во Партизанскиот одред „Јане Сандански“, со кого учествувал во акцијата со која бил извршен напад врз железничката станица кај селата Српци и Беранци. Зимата 1942 и 1943 г. бил на партиска работа во Егејскиот дел на Македонија, а пролетта 1943 г. се вклучил во Партизанскиот одред „Вичо“ на грчката народноослободителна војска ЕЛАС. Заедно со тамошните македонски и грчки партизани учестувал во борбите против бугарските контрачети и грчките националистички и квинслишки воени формации во Леринско и Костурско. Од мај 1943 г. се наоѓал во Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“, а од таму набрзо бил земен за курир на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанскиоте одреди на Македонија (НОВ и ПОМ). Учествувал во завршните операции за ослободување на Македонија.

По војната завршил Правен факултет и во 1954 г. положил правосуден испит. Заземал високи општествени и политички функции, а од 1983 г. до пензионирањето во 1987 г. бил претседател на Општинскиот суд на здружен труд во Битола. Бил член на Претседателството на Сојузот на борците во Битола, претседател на Здружението на пензионери во Битола, а од април 2005 г. бил избран за претседател на Републичкиот одбор на Сојузот на борци на Македонија. Бил носител на низа признанија, меѓу кои и Партизанска споменица 1941 и Орден за храброст.

Подготвил: проф. д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани