2win800x200

Вештина - израз на знаење, умеење и способност (пишува Александар Адамовски)

Април 06, 2026

За да се поседува одредена вештина, треба разум, памет и интелигенција. Во секој човек, нормално и кај учениците постојат некакви вештини кои се или научени, или чуени, или пак можеби следени подолг временски период. Не, секоја вештина значи снаоѓање и ориентирање во просторот, меѓутоа голем дел сепак успешно се покажуваат.

Како се стекнува одредена вештина?

Одредена вештина станува навика што се практикува во животот, тогаш кога се стекнува од најмала возраст, иако не се исклучува можноста таа да се стекне и подоцна. Првите школски вештини кои учениците треба да ги стекнат со самото започнување на прво одделение се да научат да читаат, да пишуваат и да разбираат, а потоа и останати вештини кои тековно се учат. Ако солидно се совладаат овие  клучни вештини, нема да постои проблем во описменувањето, ниту пак во комуникацијата и воопшто. Секој човек се пронаоѓа во она што го прави или како што обично кажуваме дека е вешт во таа дарба што ја носи. Меѓутоа, повеќето не само што не се бараат во дарот  што го поседуваат, ами воопшто не се трудат ни да покажат емоционален израз дека нешто можат и умеат. За жал, но тоа е лична определба и желба. Најдобро е вештините да се стекнуваат од најрани години кои низ животот полесно ќе можат да се надградуваат. Има уште едно добро правило кога сме на оваа тема, кое гласи: „на човек не можеш со сила ништо да му дадеш, ниту пак да му земеш“, и тоа е вистина. Затоа постојат луѓе вешти во способностите што ги имаат, па доаѓаат помалку вешти и крајно невешти, односно незаинтересирани за ништо. Така стојат работите со школските вештини за кои е потребен подолг и макотрпен временски период да се научат. Во секој случај, со повторување и вежбање, со максимална волја и љубов се надминуваат било какви препреки и пропусти доколку треба нешто да се совлада како што треба. Квалитетот на стекнување на одредена вештина зависи од заинтересираноста колку и како таа се проучува, научува и практикува. Понекогаш учиме од книги, гледаме видеа итн. а исто така постојат случаи кога од самиот живот стекнуваме некакви вештини, односно ги следиме и на тој начин полесно ги прифаќаме и ги изразуваме. И менаџерот во училница многу е важно да поседува вештини пред учениците кои стои, односно да знае и умее да води наставен час. А таа методска практика се учи уште на факултет, но не мора да значи. Лично јас, таа вештина да стојам пред ученици и да работам со нив ја научив од мал, кога им бев и учител и наставник на комшивчињата во чикмакот каде живееја моите баба и дедо (зборувам за многу одамна). До ден денес, таа пракса одлично ме служи, се разбира со можност секогаш да се биде креативен и иновативен. Во секој случај вештината е учење. Без учење нема знаење. А без знаење, нема ниту умеење, ниту способност. Тоа е како синџир на исхрана, секој процес следува еден по друг. Во синџирот не смее да постои застој, затоа што на тој начин се губи вредноста на процесот.

Вештините денес

Познавам луѓе кои навистина квалитетно и со успешни придобивки ги негуваат вештините што ги поседуваат. Нормално, секој во својата професионалност за која што се определил и достојно ја постигнал. Проблемот е кај младите уште од школска возраст со ретки исклучоци, кои немаат јасна претстава и ориентација за што ги бидува и најлесно е да се каже она нивното – „не знам“ или „ми е гајле“. Значи не сакаат да го откријат талентот што го носат, а се прашувам дали е тоа од мрзоволие, или пак неможност да се изразат и објаснат. Токму тоа понатаму се одразува кога треба да изберат средно училиште, па понатаму факултет (некои не ни помислуваат на факултет), па кога ќе се наталожат тие безидејности и неумеења, оди да те видам најди им крај. Или пример, оди во банка на шалтер и погледни ја колоната што чека да заврши работа, за колку време ќе заврши. И скоро во секоја институција е така последниве години, а сигурно и во наредните години така ќе биде. Многупати сум кажал дека незнаењето повлекува неснаодливост и неможност за нормално функционирање, а тоа е резултат на недоволно стекната вештина, на немање капацитет или имаме и такви интересни случаи на недозавршени факултети и опп одма се вработиле преку ноќ итн. Воопшто не е чудно, ами реално е. За крај сакам да порачам на сите млади генерации – иднината: не постои поголемо и поскапоцено богатство од личната вештина, оти со неа си некој и нешто. Не постои друга можност што може да те опише со убави и позитивни зборови, ако си ја завршуваш работата чесно, доследно и одговорно. Затоа, читајте, учете, интересирајте се, истражувајте, да знаете дека ќе бидете во добивка и за пример. 

Автор: професор Александар Адамовски

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани