2win800x200

Помагајте безпоштедно и безусловно затоа што еден ден тоа се возвраќа (пишува Александар Адамовски)

Јануари 27, 2026

Соработка, меѓусебна помош и поддршка се морални вредности кои треба да служат како примери што му даваат позитивна карактеристика на секој човеков карактер и кои треба континуирано и доследно да ги покажуваме и применуваме.

Гледано од денешен аспект, често ќе чуеме, па дури тоа и може лесно да се согледа, дека повеќе никој со никого не соработува, никој со никого не сака да си помага и никој, никого во ништо повеќе не поддржува, па и не излегува во некаков пресрет.  Да, тоа е точно и веќе толку очигледно што повеќе немаме сомневање да тврдиме дека е така. Меѓутоа ќе кажам дека постојат многу ретки исклучоци кои не се откажале од своите морални човечки доблести и се одговорни на нив, па ги покажуваат. Не, само во општественото опкружување, ами воопшто каде што се најпотребни овие три клучни вредности на емпатија, поготово во образовната сфера кои веќе се незабележливи или сепак на прсти се бројат оние што умеат истите да ги негуваат. Сме имале различни предавања со цел да се подобрат меѓуученичките, а тоа важи и за сите меѓучовечки односи, меѓутоа изгледа тоа не влијае и не дава резултати. Ќе наведам неколку примери од образовната сфера со цел да посочам дека така не треба. Еве, на пример кога имаме поголем број на отсутни ученици, па макар биле еден и двајца отсутни, а наставникот замолува одделението да ги извести тие ученици што сме работеле на часовите, било да им се јават, или да им пишат на социјалните мрежи, значи било како, само да ги известат, барем тоа е лесно во денешно време, за жал не знам дали е од заборавање, очигледно е од немање на интерес да се помогне на своите соученици. Ни присутните, ни отсутните ученици не ги интересира што се работи на часови, повторувам со ретки исклучоци за кои секогаш ќе имам посебно мислење. Истата ситуација е кога имаме групна, или работа во парови, ќе работат еден, двајца, а останатите гледаат само да препишат или колку така да им помине времето. Или кога треба да се изврши некое истражување како домашна обврска, мал дел одговорно ќе постапат, а останатите не ги извршуваат обврските.

Тоа е во делот на одговорните обврски и задолженија, што е заемно поврзано со соработка, меѓусебна помош и поддршка. Тие вредности полека се изгубија (не, само во школската средина, ами воопшто во животот). И не треба да не чуди зошто на денешните ученици ништо не им е интересно и занимливо. Семејството мора да има поодговорно влијание врз децата, а секако и педагошко-психолошката служба во училиштата, како и самите наставници. Од разговор, советување, давање насоки, никогаш не е доста, секогаш мора да се реагира за доброто на младината – иднината со која што работиме и што треба да да ја извадеме на еден прав пат во животот. Мрзоволност, незаинтересираност, неодговорност, непослушност, итн. се најнегативните особини кои една личност може да ги има, посебно тоа важи за учениците. Ако од најмала возраст не се научат морални и етички вредности и доблести за животот, тогаш засекогаш ќе остават негативна последица за секоја една личност. Тешко е да се излечи нешто што со време не се излекувало, а за тоа најмногу мора да работи личната свест и совест, ако сакаме да бидеме културни и цивилизирани луѓе во права смисла на зборот. Не може само еден да работи, не може само еден да биде вклучен во многубројни обврски, не може еден да го носи товарот на грб за цела толпа и замислете тој повторно да не им чини на оние кои треба да земат пример од него. Таа е реалноста. Така не бива. Златно правило: кога еднаш ќе се научи лекцијата како што треба, таа без проблеми се применува во иднина. Ама зависи кој како учи и што учи. И тоа има клучно влијание. Мислам дека изгубените интереси за да се соработува, да се помага и излегува во пресрет (поддржува) за било кое дејствување од потреба и интерес се должат на преголемата зависност од интернетот и од социјалните мрежи. Сепак, тоа е само едно мислење, а постојат можеби и повеќе. За тоа, во некоја следна прилика.

Кај нас, недостига потребата од меѓусебна соработка, помош и поддршка. Јас скоро секогаш во сите мои колумни и ТВ гостувања позитивно сум размислувал, а ќе продолжам и понатаму, затоа што сакам да имаме успеси, резултати, пофалби и паметни ученици кои ќе сфатат зошто доаѓаат на школо и која е пораката од крајот на школскиот ден. Во последно време, на тоа како да се гледа со терет, а не со мерак. И понатаму верувам дека работите можат да станат подобри и тоа со вложување на многу малку труд, а сепак поголема волја, се разбира за доброто на сите, посебно за најмилата радост со која што работам / работиме во настава. Да не се заборави: кога може да се помогне, секогаш тоа да се прави безпоштедно и безусловно, затоа што еден ден тоа се возвраќа, којзнае можеби тридупло. Исто така, не треба да се има срам од било каква чесна и паметна соработка и поддршка, затоа што на тој начин и добриот глас надалеку се слуша. До тука, толку, а понатаму да се надеваме на многу подобро.

Автор: професор Александар Адамовски

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани