АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 5 март 2006
Во Битола почина Вангел НЕЧЕВСКИ-Тунелот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија и учесник во Антифашистичката војна. Роден бил во Битола на 17 март 1922 г. Бил припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Работел како наемен работник во тутунската индустрија. Пред Втората светска војна станал член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Бил и активен член на прокомунистичките УРСС-ови синдикати. Подоцна бил примен за член на КПЈ. По фашистичката окупација бил ангажиран во акциите на Месниот комитет на КПЈ за Битола за собирање оружје и за растурање пропаганден материјал. Бил уапсен од бугарската фашистичка полиција во почетокот на 1942 г. По половина година интернација, се вратил во Битола и кон средината на 1942 г. станал борец во Партизанскиот одред "Дамјан Груев".
Подоцна бил курир на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Одржувал редовни врски со грчките и со албанските партизани, пренесувал илегално одговорни политички и воени раководители. Пред крајот на антиокупаторската борба станал заменик-командант на дивизија.
По ослободувањето од фашистичката окупација работел во органите на ОЗНА, вршел одговорни политички и државни должности во Битола и во Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Бил носител на Партизанска споменица 1941 г., на други награди и признанија, а за народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 г.
Подготвил: проф.д-р Александар Литовски, историчар