АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На ден 6 ноември 1944 година во борбите за ослободување на Штип загина борецот Димче Лахчански. Димче Лахчански е роден во Битола на 28 јуни 1923 година во имотно семејство, кое потекнува од Лавци заради што и на неговиот гроб првобитно било напишано презимето Лахчански, презиме кое што подоцна го презела целата негова фамилија. Уште како млад се вработил во познатата аптека на А. Чаловски чија ќерка Лилјана Чаловска уште од пред војната била организирана во напредното скоевско движење.
Димче ги прифатил идеите за национално и социјално ослободување на македонскиот народ и по окупацијата на Битола од страна на бугарскиот фашистички окупатор бил илегален снабдувач на партизанското движење со потребните лекови и санитетски метеријал. Бугарската полиција имајќи сознанија за ваквата илегална дејност го уапсила, но подоцна бил ослободен бидејќи не постоеле докази. Потоа бил присилно мобилизиран во бугарската војска и одведен во Горна Раховица, централна Бугарија на обука.
Тој ја искористил првата прилика кога бил испратен дома на воено отсуство и веднаш се приклучил кон партизанското движење заедно со други македонци кои ја напуштиле бугарската војска. На 17 септември 1944 година заедно со осумстотини борци станал член на тринаесеттата Македонска народноослободителна ударна бригада како санитетски референт која на тој ден се формирала во с. Митрашинци, беровско. Оваа бригада влегла во состав на Педесетатта македонска дивизија на НОВЈ.
Учествувал во борбените дејствија на оваа бригада против германската нацистичка воена група “Картнер“која се повлекувала од Солун кон Штип. Со бригадата учествувал во борбите за заземање на Радовиш, која иако го зазела овој град подоцна морала да го напушти поради силните нацистички сили. На 24 септември учествувал во нападот врз непријателот во Штип. На 9 октомври бригадата го нападнала Пехчево кое е ослободено на 13 октомври. Со бригадата учествувал во борбените дејствија према Кочани, а на 19 октомври ја ослободила Виница, на 20 октомври Јакимово, а на 4 ноември с. Калаузлија. На 6 ноември во нападот врз нацистичките сили за ослободување на Штип Димче Лахчански бил убиен и погребан прво во Ново Село, штипско, а после ослободувањето е погребан во Битола.